Според најновите податоци Премиер лигата бележи нов рекорд на продажба на влезници и тоа во двете категории за возрасни и тинејџери. Во првата категорија за сезоната 2012/2013 биле продадени 476.776 билети, а со тоа е надминат рекордот од 2007/2008 кога биле продадени 476.267 или 7% повеќе од 2004/2005.
Растот на продажбата на влезниците за младите е исто така мал, но сепак се работи за нов рекорд. Изминатата сезона биле продадени 58,546 карти, а минатиот рекорд изнесувал во 2008/2009 година со 58,313 влезници. Од 2004/2005 година па до изминатата сезона продажбата на влезниците пораснала за 26%.
Иако се работи за скок од само неколку стотици билети, сепак тоа се нови рекорди кои се должат на промоциите на некои клубови кои сакаат да привлечат колку што е можно повеќе публика на своите натпревари.
Челниците на Евертон на пример минатата година воведоа сезонски карти по цена од 95 фунти за деца под 11 години, додека за оние од 12 до 16 годишна возраст сезонските билети чинеа 149 фунти. Тоа придонесе до зголемување на присуството на младите навивачи на „Гудисон Парк" од 39%.
Екипата на Њукасл лани имаше многу повеќе фамилијарна публика, исто како и Астон Вила која имаше специјални понуди за двајца возрасни со две деца. „Топџиите" пак минатата сезона обезбедија посебен блок на трибината со капацитет од 1000 гледачи само за деца од 12 до 16 години, а билет за тоа место чинеше само 10 фунти.
Шефот на службата за навивачи од Премиер лигата изјави дека клубовите работеле напорно за да привлечат што повеќе семејства да дојдат на стадион, а бројките покажуваат дека 29% од фановите доаѓаат со деца на натпреварите. Во 2009 година 76% од анкетираните навивачи изјавиле дека клубовите работат добро во интерес на нивните потреби, а сега тоа мислење го делат 87% од нив.