Пред 7 години не го сакале ни во четврта лига, живеел во гарсониера, сега освои Лига на шампиони

Кариерата на Едуар Менди, првиот голман на новиот европски шампион Челси е како интересна книга со среќен крај.

Веднаш по последната судиска свирка на Лахоз во финалето на Лига на шампиони, голманот на Челси, Едуар Менди клекна со глава на земја и заплака од среќа.

На 29 години по најтежок пат стигна на топ ниво, си забетонира место на голот на Челси од каде го истисна најскапиот голман во историјата на фудбалот - Кепа Аризабалага и ветеранот Вили Кабаљеро.

Менди имаше дури 16 меча без примен гол во Премиер лига и дури 9 без примен гол во Лига на шампиони (го достигна рекордот на Кањизарес и Кејлор Навас).

Но кога ќе се погледне неговата биографија, се изгледало така недостижно за него. Пред 7 години живеел во гарсоњера со неговите и го отпуштиле од четвртолигаш.

НА 23 ГОДИНИ ОСТАНАЛ БЕЗ КЛУБ И РАБОТА

Едуар Менди е роден во мало градче близу Авр на северот на Франција. Мајка му е од Сенегал а татко му од Гвинеја Бисао.

Како мал во детството отишол да тренира во академијата на Ле Авр каде пред неколку години блеснале Ријад Марез, Погба, Манданда, Бенжамин Менди и Ферлан Менди (втор братучед на Едуар).

Едуар учел добро, имал високи оценки, а еднаш го пратиле и на школска размена во Брајтон, Англија. Таму бил на стадион и на прва се вљубил во англискиот фудбал па редовно следел Премиер лига. 

Но Менди никогаш и никаде претходно не бил сметан за суперталентиран голман. Во Ле Авр бил само една година а до свои 19 години играл за локалниот аматерски анонимен клуб во регионална лига. Буквално немало ниеден тренер заинтересиран за него. Менди седел на клупа во клубот Шербур во трета француска лига, а почнал да брани дури тогаш кога екипата испаднала во четврта лига.

Но ни тоа не му било гарант дека ќе стане стандарден голман. Му следувал уште потежок период. Во сезоната 2013/2014 дури и малку познатиот Шербур во четврта лига не сакал да има ништо со 22-годишниот Менди и не му го продолжиле договорт.

Му останал сонот за Англија. Сакал еден ден буквално да се спакува и да оди на проба во трета или четврта англиска лига.

„Тоа ми беше најлош период во кариерата. Преодниот рок за трансфери заврши а менаџерот не ми одговараше. Му праќав гласовни пораки и смс пораки секој ден. Ме игнорираше. И така до последниот ден. Немаше ни храброст да збори во очи со мене. А после ми напиша: „Извини, последен ден на преоден рок е, не можам да ти најдам клуб, па можеш да бараш некоја друга работа и да тренираш самостојно“, раскажал Менди за Daily Mail.

МЕНДИ НЕ ДРЕМЕЛ, РАБОТЕЛ ЗА ТРОЈЦА И ТРПЕЛИВО ЧЕКАЛ ШАНСА - СЕГА ОСВОИ ЛИГА НА ШАМПИОНИ И УШТЕ НЕ МУ Е ВЕРНО

После таков удар баш никој никаде да не го бара, 23-годишниот Менди се вратил дома кај родителите. Ни работа, ни фудбал ни сабота. А притоа девојка му останала бремена.

Едуар живеел во гарсоњера како невработен.

„Многу беше тешка помислата дека не си способен да прехраниш семејство. Ама мене ми тргна. Живеев во Авр и можев да бидам со родителите, па не ги трошев ни надоместите за невработени“.

Се надевал дека ќе му се врати на фудбалот. Формата ја одржувал во сала, многу тренирал, бесплатно тренирал за младинскиот тим на Ле Авр.

„Имаше две варијанти: или да најдам професионален клуб или да барам друга работа за да заработувам за живот. Во еден момент почнав да се пријавувам на огласи за работа. Учев нешто за бизнис и комерција. Мојот најдобар другар држеше магазин за машка гардероба. Сигурен беше дека можам да и помогнам на компанијата, па ми понуди да управувам со бутикот“.

После 8 дена на Едуар му стигнал неочекуван повик - да премине во Марсеј. Да биде таму четврти голман, претежно за тренинзи. Му понудиле минимална плата и статус на резервен голман во вториот тим на Марсеј кој играл во четврта лига.

„Му дадоа едногодишен договор со минимална плата. Менди беше резерервна гума“, се сеќава Доминик Бернановиќ, тренер во школата на Марсеј.

Едуар Менди знаел дека ова му е последна шанса. Последен воз. И ја искористил шансата.

- Во летото 2016-та преминал во познатиот Реим во Лига 2
- Во зимата 2017-та дебитирал за прв тим откако првиот голман бил суспендиран

- Во летото 2018 станал стандарден голман и влегол во Лига 1
- Во есента 2018 ги заинтересирал најголемите француски клубови и Челси.

„Слушнав за интересот на Челси уште во 2018-та година. Си мислев во себе дека тоа ништо не значи дека веројатно мислат на некоја проба. Мислев дека ќе се изгубам во Челси“, се сеќава Менди во разговор за L’Equipe.

После уште една сезона во Лига 1 со Реим, потпишал договор со Рен каде го заменил Томаш Кубек кој отишол во Аузгбург. Се испоставило дека ова е сјаен избор за Менди зошто Рен одиграл фантастична сезона и се пласирал во Лига на шампиони.

Челси лани агресивно го менуваше составот, доведе еден куп нови млади и скапоцени играчи па на врвот на листата бил и Едуар Менди. А Рен за само 1 година на голманот заработил дури 17 милиони евра! Го купиле за 7, а го продале за 24. 

А Менди во Челси блесна како што никој не очекуваше. Веднаш ги истисна од составот Кепа и Кабаљеро и врза серија без примен гол. Спокоен, смирен и стабилен на голот, стана важен играч за екипата.

„Верував дека треба многу напорно да работам. Бев спремен да работам два-три пати повеќе од другите. Во Авр кога немав договор со ниеден клуб, одев во спортска сала и ако беше затворена, одев да трчам. Сакав да се заинтересираат за мене. Многу би се откажале во таква ситуација но не и јас.

Сакам да му кажам на синот: „Ако во животот имаш тешки моменти, не се предавај. Треба да се изгориш на нив за да станеш појак. И никогаш да не се предаваш“.

31 мај 2021 - 13:20