
Секоја година на денешен ден, секој навивач на македонската фудбалска репрезентација по добро се сеќава на мечот Словенија - Македонија.
Од клупата селекторот Андон Дончевски ја поведе првата генерација репрезентативци на Македонија на историскиот дуел. Играа Дарко Панчев, Зоран Чоко Бошковски, Љупчо Марковски - Калц, Бобан Бабунски, Чедомир Чеде Јаневски, Илија Најдоски, Драган Канатларовски и други, па пред повеќе од 3.000 гледачи меѓу кои и многу Македонци, ја совладаа Словенија.
Пред мечот за првпат на фудбалски натпревар се интонираше македонска химна и прва победа.
Задоволството и привилегијата да биде стрелец на првиот историски, дебитантски гол за репрезентацијата на Македонија ја имаше Зоран Бошковски, легендарниот фудбалер на Силекс кој по асистенција на Дарко Панчев ја погоди мрежата.
После и самиот Панчев се запиша во листата стрелци а противникот го докрајчија Драган Канатларовски и Чеде Јаневски.
По тој меч во Крањ со Словенците, во Скопје одигравме уште еден дуел со Словенија и победивме 2:0. Во Тетово набрзо се одигра и пријателска со Албанија каде нашите фудбалери демонстрираа надмоќ и победија со 5-1.
Само неколку месеци подоцна, тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија, денес ФФМ, за првпат влезе на ранг листата на ФИФА и тоа како 147. репрезентација на светот но набрзо влезе меѓу 100 најдобри селекции.
Фото: Гол.мк