После ваков пристап Ливерпул треба да го задржи Милнер и како тренер

Во осминафиналето на ФА Купот ќе има дерби меѓу Челси и Ливерпул, а заслужни за тоа се младинците на Ливерпул кои синоќа без Клоп и неговите европски прваци, го минаа 4. коло од најстарото фудбалско натпреварување. Џејмс Милнер беше со нив од почеток до крај. Алал да му е.

Оваа одлука на Јирген Клоп ви е веќе позната, бидејќи слично постапи и во декември. Но тогаш се работеше на меч од Лига Куп на кој рече дека не можат да се појават, бидејќи ќе бидат во Доха на Светско клупско првенство.

Ливерпул У-23 за разлика од синоќа тогаш имаше далеку потешка задача, бидејќи требаше да се носат со премиерлигаш. Се работеше за Астон Вила кој славеше со 5:0, но и покрај тоа немаше паники и критики, а Џон Тери како тренер на Вила им дојде во соблекувална да ги мотивира.

Овој пат германскиот стратег повторно на првиот тим им го тргна како обврска и ФА Купот бидејќи им вети на своите играчи дека ќе им даде неколку слободни денови. Следниот меч во Премиер лига Ливерпул го игра на 15-ти февруари, што значи добија мини одмор.

Додека светските и европски прваци кои освоија 73 од можни 75 бода, фатија магла малку да се издуваат, Џејмс Милнер синоќа се појави на Енфилд за да ги поддржи децата против третолигашот Шрузбери. И тоа не дошол чисто како гледач, туку седнал зад клупата за резерви и делел совети.

Пазете го овој професионален однос на заменик капитенот на Ливерпул. Прво тренирал со нив за што прво прашал дали може, а потоа исто така побарал дозвола за да им одржи говор во соблекувална.

„Ни даваше совети и цело време беше зад играчите во подготовките на мечот. Одржа мотивациски говор во соблекувална, а ми дофрлаше корисни работи и од трибина за време на мечот. Голем професионалец кој се однесува со респект“, изјави тренерот Нил Кричли.

И додека Милнер реши да остане дома за време на заслужениот одмор на играчите и плус да му се посвети на клубот за што немаше обврска, Фирмино е на Малдиви, исто како и Фабињо.

Лалана и Арнолд во Мајами на НБА меч.

У-23 со 1:0 го совлада Шрузбери и во осминафинале на Ливерпул му го донесе Челси. Ова е автоголот со кој се реши средбата, како и двата опасни потези на Куртис Џонс. 

5 февруари 2020 - 10:28