Јувентус продолжи самоуверено да гази до скудетото: во Derby della mole го растурија градскиот ривал Торино на домашен терен со 4:1 и избегаа 7 бода од второпласираниот Лацио.
Главен детал од овој меч беше првиот гол на Роналдо од слободен удар после 43 обиди! Кристијано маестрално изведе еден прекин во поблискиот агол и голманот Сиригу беше немоќен:
„Искрено ми требаше да дадам гол од слободен удар за да ја вратам самодовербата“, призна Роналдо во интервју за Sky Sport Italia.
Европскиот шампион со Португалија сега има 25 гола во Серија А и стана првиот играч на Јувентус за 59 години кој стигнал до оваа бројка. Кристијано Роналдо е и првиот фудбалер кој постигнал 25+ гола во три разни првенства од Топ5 лигите.
Во сезоната 1960/1961 легендарниот Омар Сивори исто дал 25 гола но 6 од нив на еден невообичаен натпревар. Имено во април 1961-ва Јувентус добил службен пораз поради упат на навивачите на меч против Интер, па „бјанконерите“ барале натпреварот да се преигра.
Федерацијата која што тогаш ја водел претседателот на Јуве Умберто Ањели решила дуелот да се преигра во последното коло кога Интер веќе ја освоил титулата (за 1 бод разлика).
Во знак на протест, Интер на тој меч пратил младинци на кои Сивори им дал 6 комада.
Кристијано Роналдо ги престигна по голови за Јувентус во една сезона во Серија А: Давид Трезеге (24), Гонзало Игуаин (24), Пауло Дибала (21), Алесандро Дел Пјеро (21), Роберто Баџо (21), Карлос Тевез (20) и Мишел Платини (20). Многу други центарфори на Јуве (Инзаги, Паоло Роси, Раванели, Вијали) постигнале под 20 гола во една сезона во Серија А. На пример во шампионската сезона 1996/1997 Дел Пјеро, Бобо Виери и Падовано постигнале по 8 гола.
Пред Португалецот сега има 5 рекордери: Џанпјеро Бониперти (27 гола во една сезона), Омар Сивори (28), Џон Чарлс (28), Јон Хансен (30) и апсолутниот рекордер на „Старата дама“ по голови во една сезона на Серија А, Феличе Борел: Италијанецот во далечната 1933/1934 постигнал 32 гола во една сезона.
Кристијано има уште 8 меча до крајот да успее да се искачи погоре на вечната листа, но тој самиот вели дека прироритет му е екипата:
„Не е важно кој дава голови се додека тимот победува. Ние сите сме во добра форма и ќе се потрудиме да победиме и во Милано. Тоа нема да биде лесен меч“, заклучил Роналдо за Sky Sport Italia.