Португалско гол шоу за дебакл на Швајцарија, падна и првиот хет-трик

Селекцијата на Португалија во голем стил ја заокружи осминафиналната фаза на Мундијалот во Катар, откако ја декласираше Швајцарија со 6:1. Играч на мечот е 21 годишниот Гонсало Рамос кој експлодираше со незаборавно мундијалско деби: Три гола, за прв хет-трик на ова Светско.

Фернандо Сантош направи селекторски потег за насловни страни. Го стави Кристијано Роналдо на клупа на првиот осминафиналист против незгодната Швајцарија и на негово место му даде шанса на напаѓач кој е 16 години помлад и кој вечерва за прв пат заигра на Светско.

Тоа е 21 годишниот напаѓач на Бенфика Гонсало Рамос кој одговори на невиден начин. Постигна хет-трик на своето мундијалско деби кое ќе го раскажува цел живот.

Рамос стрелаше во 17-та, 51-ва и 67-ма минута, а во 74-та минута беше заменет токму со Роналдо. Останатите три гола за Португалија ги постигнаа Пепе, Гуереиро и Леао.

Рамос стана втор најмлад играч со мундијалски хет-трик после Пеле, а Пепе највозрасен стрелец на нокаут меч во историјата на Светските првенства.

ПОРТУГАЛИЈА - ШВАЈЦАРИЈА 6:1

Хет-трикот на Рамос

Сите голови

6 декември 2022 - 21:58