За нашиот национален тим кој нè фрли во транс со историскиот пласман на ЕП 2020, ова е прв пораз годинава со кој ја прекина серијата од осум меча на кои немаше загубено по ред.
Осакатената Македонија на последниот меч од Лига на нации отпатува без дури осум првотимци од вкупно десетмината отсутни, па селекторот Ангеловски беше принуден да импровизира во однос на првите 11.
Во одбрана го стави Зајков во друштво на Велковски и Муслиу. Средниот ред кој беше најпроблематичен го пополнија Ристовски и Бејтулаи по крила, како и Костадинов и Торте од Шкендија кој дебитираше како стартер. Во напад се реши за Стојановски на сметка на Нестор, како и Тричковски и Трајкоски.
Без разлика на отсуството на носителите на играта на македонската репрезентација, сепак нашите беа доминантни во првиот дел, а најопасни преку Трајковски кој по дваесетина минути игра се закани со две бомби кои успеа да ги скроти голманот на Ерменија.
Ерменците беа во подредена улога, но и тие успеаа да створат две убави шанси за гол на кои одлично одговори Дамјан Шишковски. Прво преку Карапетјан, а потоа и преку поранешниот вардарец Барсегјан.
Вториот дел почна лошо за избраниците на Мрме кои примија гол после првата невнимателност во одбрана, а егзекутор беше Хамбарџумјан кој беше сам по десната страна.
Ангеловски ги направи сите пет дозволени измени во обид да ја освежи играта од тенката клупа која ја имаше на располагање, но и покрај големата желба, Македонија не успеа да направи 100% шанса. Хероите од мечот во Тбилиси фалеа, особено во средниот ред каде немаше кој да организира игра.
Напротив, Шишковски им одбрани зицер за 2:0 на Ерменците кои можеа да го затворат мечот на 15 минути до крај.
Македонија преостанува да се гордее со историскиот пласман на ЕП, но и да се збогува со пласманот на СП 2022, барем преку Лига на нации. Прва во група завршува Ерменија со 11 бода, Македонија има 9, Грузија 7 и Естонија 3.
Вториот и потежок пат за пласман на Светско, нашиот национален тим преостанува да го брка преку редовниот квалификациски циклус.