Овој натпревар го следеа многу контроверзи, особено што од фудбалската асоцијација на Италија во неколку наврати соопштија дека Аталанта ќе се соочи со драконски казни во случај нивните навивачи да ги повторат испадите од претходните средби со Наполи.
При секој нивен дуел на стадионот „Атлети Аѕури“ жестоките ултраси од Бергамо пеат анти-неаполски песни коишто Италијанската фудбалска федерација ги смета за територијална дискриминација и често казнува со затворање трибини или цел стадион.
Бергамашите неколку пати и расистички го навредуваа стоперот на Наполи, Калиду Кулибали.
Во петокот на еден од нивните профили на социјалните мрежи тие соопштија дека „немаат намера да останат без стандардните навивачки зезалици и зафрканции кои се дел од основната навивачка традиција“.
Тие напишаа и дека ширум Италија нив ги нарекуваат селани и фармери, но тоа не им смета, напротив, ги правело горди на своето потекло. „Пејте дека го мразите Бергамо!“, пишуваат тие.
Од друга страна, италијанските медиуми пишуваат дека во случај судијата да не го прекине мечот ако има некакви расистички или какви било други навреди, фудбалерите на Наполи сами ќе го напуштат теренот.
Денес попладне пред гостинската трибина на стадионот во Бергамо домашните навивачи оставиле кеси со ѓубре а горе на трибината закачиле парола: „За да се чуствувате како дома“ со што алудираат на стереотипот за Неапол како валкан град.