Костас Кацулис настрада за време на инцидентите кои се случија на третолигашкиот фудбалски натпревар помеѓу Етникос и Иродотос на 14 септември.
Во навивачката пресметка во која учествуваа околу 30 навивачи, Кацулис бил погоден со камен во глава и бил веднаш префрлен во болница во Атина, но по тешките повреди тој синоќа почина.
Грчката влада одлучи да ги одложи сите спортски манифестации кои се закажани оваа недела, меѓу кои и фудбалскиот меч помеѓу Олимпијакос и Паок кој се игра на 5 октомври и кој често поминува со голема тензија и тепачки.
„Од почит кон Костас Кацулис кој беше голем љубител на фудбалот, министерството за култура и спорт одлучи да ги откаже сите спортски настани кои беа предвидени во текот на оваа недела.“, стои во соопштението.
Полицијата уапси четворица навивачи кои се осомничени за убиството, а по настанот дојде до жестока расправија на политичките партии кои бараат драстични мерки за спречување на хулиганството во Грција.