Управата на Вардар ги враќа работите на свое место, онака како што доликува на македонскиот првак и навивачите конечно без многу врева ќе може да стигнат до драгоцените влезници кои ќе почнат да се продаваат од 1. септември (петок).
За трите меча на стадионот „Филип Втори“ против Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг цените на влезниците ќе изнесуваат од 1.400 до 3.000 денари а сè во зависност од местото на четирите страни на стадионот.
Управата на „црвено-црните“ им овозможи на навивачите да си купуваат и поединечни билети за секој меч а цената за овој вид влезници ќе биде од 600 до 1.200 денари што е сосема прифатливо за меч од групна фаза во Лига Европа.
Според соопштението на сајтот на ФК Вардар, датумите за продажба ќе бидат поделени, па така блок-картите ќе се продаваат од 1-ви до 9-ти септември а поединечни карти за дуелот со Зенит Санкт Петерсбург од 11-ти до 14-ти септември.
По истекувањето на рокот, нема да може да се купуваат блок-карти. Билетарницата на „Телеком Арена“ ќе се отвори до 19 часот на денот на одигрувањето на мечот од 1. коло против рускиот тим односно на 14. септември на два часа пред стартот на натпреварот.
Ќе се продаваат електронски ваучери кои подоцна треба да се заменат со сезонски пластифицирани картички. За начинот на замената на ваучерите со картички ќе има дополнително известување.
Ова е дополнителна причина за задоволство на оние на кои „црвено-црните“ бои на Вардар им се омилени и мотив плус „Градски“ да крца цела есен.
РАСПОРЕДОТ НА ДОМАШНИТЕ НАТПРЕВАРИТЕ НА ВАРДАР ВО ГРУПАТА „Л“ ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА
1. КОЛО - Вардар - Зенит (14.09.2017)
3. КОЛО - Вардар - Реал Сосиедад (19.10.2017)
6. КОЛО - Вардар - Розенборг (07.12.2017)
Сите продажни места ги имате тука.