До минатиов викенд, името на Лазар Марковиќ се слушаше само при читањето на играчите на разглас на Енфилд Роуд. Неговиот настап и голот против Сандерленд викендов го сменија тоа, па веќе има назнака дека младиот Србин се привикнува на средината и игра сè подобро во црвениот дрес. Не само поради брзите продори во нападот, туку и поради трудот кој го вложува во одбраната.
Саутемптон летово остана без најголемите ѕвезди, во моментов има 39 бодови, вклучувајќи ја и победата на Јунајтед во неделата, после 27 години. Ваквиот исход на сезоната не се очекуваше во мај минатата година, па освен што обезбедија опстанок, „светците“ слободно може да конкурираат за некое европско место годинава.
Во анализата на блогот на ЕСПН Спорт, Алексис Санчез е единствена светла точка во Арсенал периодов. Екипата игра фрустрирачки, нема успеси во низа и само поради Чилеанецот „топџиите“ уште се при врвот. По новите два гола против Стоук, секој ќе се запраша зошто Барселона го пуштила летово. Доколку сите играчи на Арсенал се трудат како него, лондонскиот тим немаше да се бори да влезе меѓу четирите најдобри, туку ќе се бореше за титулата.
Камбек, три бодови и славје на трибините за повратникот во Кристал Палас, Алан Пардју. Неговиот живот се смени откако го напушти Њукасл. Пардју на голема врата се врати на Селхарст Парк и Палас викендов го совлада Тотенхем 2:1. Тоа беше прва победа за Кристал Палас по девет натпревари. После тоа, Пардју веројатно спие подобро отколку претходните месеци во Њукасл.
Уште еден добар ден за Барнли и за Дени Ингс. На 22-годишниот напаѓач договорот со Барнли му истекува на лето, но по одличните партии, Тотенхем и Њукасл сакаат да го доведат уште овој месец.
Англиските медиуми до викендов имаа почит и разбирање за Луис Ван Гал. Сложена ситуација, голем притисок, многу повредени фудбалери. Но, во 2015. година, Манчестер Јунајтед едвај извлече бод кај Стоук, се мачеше против нисколигашот Јеовил во ФА Купот, а викендов за првпат после 27 години доживеа пораз од Саутемптон на Олд Трафорд. Манчестер има бодови, но нема игра и против „светците“ немаа ниту еден директен шут во рамките на голот.
Малкумина до викендов го сметаа Сандерленд кандидат за испаѓање, но бледата игра против Ливерпул беше повик за будење. 40.000 навивачи очекуваа многу повеќе од момците на Густаво Поет, тренер на кој сериозно му се тресе клупата.
Десет гостувања, десет порази, така што животот на еден навивач на Квинс Парк Ренџерс не може да биде многу среќен кога неговиот тим игра надвор од Лондон. И покрај помошта од поранешниот селектор на Англија Глен Ходл, Хари Реднап тешко може да го примени рецептот од Лофтус Роуд на гостинските натпревари.
Со 11 постигнати голови, Астон Вила го има најлошиот напад во лигата, а екипата уште малку и ќе има повеќе црвени картони од погодоци. Тренерот Пол Ламберт ја ужива поддршката и трпението на навивачите, но веројатно не за долго, затоа што следуваат дуели со Ливерпул, Арсенал и Челси.
По две победи од трите божиќни средби, изгледаше дека Хал Сити го нашол правиот пат. Но не е така. Новите порази ја вратија екипата на Стив Брус во позиција од која лесно може да се испадне во втората лига. Сопственикот на Хал минатата година потроши многу пари и сигурно не е задоволен од борбата за опстанок. Брус е поврзуван со тренерско место во Њукасл Јунајтед, но поизвесно е дека попрво ќе биде избркан од Хал.