
По три месеци работа како технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Христов на брифинг со новинарите даде видување за досегашната работа, зборуваше како се работело претходно, а откри и кои се следните планови.
Вели дека се нафатил за работа која носи голема одговорност, но и привилегија, а ја прифатил после 15 години стаж во младинскиот фудбал. Ги гледал 90% од натпреварите на младите, а тоа што не успеал да следи, го гледале Пандев, Најдоски и Ибраими.
„Академијата да функционираше добро немаше ние сега да селектираме 150 деца. Не ми е јасно како може во девет години никогаш да не била во натпреварувачки систем. За каква академија тогаш правиме муабет? За девет години ниту едно дете не било избркано, а се правеле милион глупости. Пред три недели избркавме три деца поради недисциплина. Ми велеа ќе имаш притисок, но ете никој не ми се јави бидејќи знаат зошто се избркани. За девет години во Академијата се потрошени 4 милиони евра“, вели Христов.
„Сите ние сме сервис за еден ден, што повеќе деца да дојдат во А репрезентација. За жал последните години немаме квалитетни млади репрезентации, а тоа најдобро го знае и чувствува селекторот на сениорите Боби Милевски. Не знам навистина колку играчи по таа генерација во 2017 година од младите селекции играат денеска во репрезентација. Верувам дека на една рака може да се избројат“.
Тој откри нечисти работи кои се правеле за време на претходното раководство на ФФМ.
„Селекторите во минатото се жалеа на директни притисоци од раководството, од политичари, бизнисмени, дури и од доктори и новинари. Тоа време завршува. Секој селектор кој ќе почувствува притисок од било кого треба веднаш да пријави до мене“.
„Ќе се залагаме да се искоренат сите форми на влијание. Ќе добие шанса секое талентирано дете, а ќе играат само најдобрите, без разлика на потекло, врски или препораки“, додаде техничкиот директор.
Посебно внимание се посветува на Детската лига, како основа за фудбалскиот развој.
„Децата на таа возраст се како сунѓери, сè прифаќаат. Затоа, воведовме нови правила со цел тие да играат „фудбал по земја”, од „нога на нога”, да научат да ја изнесат топката организирано, а не сè да зависи од тоа дали голманот ќе центрира до другиот крај на теренот. Сакам да создаваме фудбалери кои размислуваат на теренот.“
Инаку од ФФМ информираат дека Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Целта е да го следат секое дете, да бидат директна поддршка за селекторите и да обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.
Ангажирани се и поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, за да го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.
Новитет во системот е и воведувањето на видео анализа, област што досега воопшто не била дел од младинските селекции.