Амазон веќе сними неколку документарни серии за англиски клубови. Горе-долу сите поминале без некој спектакуларен интерес, освен оној документарец за Сандерленд во кој навивачи плачат додека испаѓа од лигата.
Сезонава Амазон почнал да снима серијал за Тотенхем. Оваа компанија му платила на клубот 10 милиони фунти и добила дозвола за влез во соблекувалните и тренинзите, во домовите и канцелариите.
Документарката планираат да ја пуштат следната година. The Guardian пишува дека овој документарец е една од причините за отказот кој го доби Маурисио Почетино.
Имено, како што пишува и Daily Mail, летово Аргентинецот побарал од газдата на клубот Даниел Леви, да се спречи снимањето тренинзи и соби на играчите за документарката. Леви одбил затоа што не сакал да плати обештетување од 80.000 фунти.
Во еден момент Почетино дури и му предложил да одбие од неговата плата и да ги даде тие 80.000 фунти само да не се тормози екипата преку секојдневието. Леви одново рекол не!
Притоа Даниел Леви, Британец со еврејско потекло, се согласил Амазон да постави камери и во кабинетот на Почетино - иако самиот Маурисио никој не го ни прашал.
Telegraph исто пишува за незадоволството на Почетино и се повикува на зборовите на близок пријател на Аргентинецот кој рекол:
„Прашајте се себе, кој топ клуб би се согласил на такви услови во кои работеше Тотенхем? Манчестер Сити се согласил за документарец само со одобрение на семејството Гвардиола (брат му му е агент), Јирген Клоп кажа дека одма ќе си оди од Ливерпул ако во соблекувална се појави камера. Челси уште претходно одби такво нешто. Маурисио не можеше да се справи со камерите и просто мораше да работи така“.
Почетино омекнал кога сфатил дека клубот веќе потпишал договор со Амазон и дека нема назад. Можеби затоа се сменила и атмосферата во соблекувалната.
„Замислете како е кога мораш да се справиш со ситуација а во твојата канцеларија те снима камера. Важно е како ќе се справиш со ситауацијата, можеш ли ти да кажеш: „Океј, јас не сум баш добро расположен сега, камерата дали може да не снима. Многу е тешко тоа. Да планираш што ќе кажеш, како ќе се однесуваш, како ќе реагираш. Не е тоа лесна работа“, рекол близок пријател на Маурисио за Телеграф.
Документарецот за Тотенхем ќе влезе во серијалот All or Nothing (Се или ништо). Во 2018 година во рамките на овој сериал се прикажуваше документарка за шампионската сезона на Манчестер Сити.
Ако ништо друго барем сега ќе имаат човек кој ќе ужива во камерите и во циркусот на тренинзи и натпревари. Медиумска ѕвезда чие тренерско време како да поодмина.