По заминувањето на Меси кои се сега најверни играчи во Топ 10 лигите?

Во април 2020-та, реномираниот германски сајт Transfermarkt објави рејтинг од најверните фудбалери во најдобрите Топ10 лиги во Европа. Половина беа од шпанска Ла Лига, но во август 2021 од таму има само двајца.

Ако лани шпанската Ла Лига ги имаше најпреданите фудбалери кои повеќе од една деценија беа во еден клуб, овој пат таа листа е скратена и на неа се само Марсело од Реал Мадрид и Ојер од Осасуна. Меси замина од Барса (2003-2021) и Серхио Рамос од Реал Мадрид (2005-2021).

КОИ СЕ ДЕНЕС НАЈВЕРНИТЕ ФУДБАЛЕРИ КОИ СО ГОДИНИ СЕ ВО ЕДЕН КЛУБ?

1. ИГОР АКИНФЕЕВ (ЦСКА Москва, во прв тим е 18 години, 7 месеци, 9 дена)

Најверниот играч во современиот фудбал целата своја кариера игра во рускиот гигант ЦСКА Москва. Игор Акинфеев кој неколку пати гостувал и во Скопје што со клуб што со репрезентација, вели дека никогаш не би преминал во друг руски клуб.

Тренерот на голманите на ЦСКА, Дмитриј Крамаренко смета дека Акинфеев уште се држи на високо ниво. „Мислам дека уште најмалку пет години ќе може да се држи. Гледајте го Буфон, еден од најдобрите голмани на светот, веќе има над 40 години“.

Акинфеев низ кариерата имал неколку сериозни повреди после кои голманите дури и завршувале со фудбалот.

Игор во младинската школа на ЦСКА дошол во далечната 1991 година на само 4-годишна возраст. 30 години подоцна уште е во клубот. Неверојатно. 

2. МАРК НОБЛ (Вест Хем - во прв тим е 17 години, 7 месеци и 9 дена)

Капитен и легенда на „чеканите“ од Лондон. Веќе толку долго е во клубот што може да си приушти и јавно и отворено да ја критикува управата. Во септември 2020-та се бунеше на Твитер зошто клубот го продава 22-годишниот бисер Грејди Дианган. „Како капитен на клубот сум нервозен и бесен што Грејди си оди. Одличен играч со сјајна иднина!“, напиша Нобл кој е икона на Вест Хем.

Во академијата на клубот дошол уште во 2000-та година, а веќе во 2004-та станал првотимец. Фудбалерот од средниот ред со тек на време стана и повремен репрезентативец а забележа повеќе од 500 настапи за „чеканите“ и е апсолутен рекордер во клупската историја по одиграни мечеви.

Денес тој ретко се наоѓа во составот, но во март годинава го продолжи договорот на уште една сезона. Најверојатно сезонава ќе биде последна во кариерата за 34-годишниот Нобл.

3. ОЈЕР (Осасуна - во прв тим е 16 години, 1 месец и 10 дена во прв тим)

35-годишниот фудбалер од среден ред на Осасуна е дете на клубот. Во 2005-та дебитирал за вториот Б тим на клубот, а после стигнал до прв тим каде веќе има над 300 настапи. Ојер никогаш не играл ниту за една шпанска репрезентација, ни за младинска ни за сениорска, но играл за репрезентацијата на Баскија.

Единствен трофеј во сениорска кариера му е триумфот во втората лига Сегунда во 2019-та.

4. ФРАНЧЕСКО МАЊАНЕЛИ (Сасуоло - во прв тим е 16 години, 1 месец и 10 дена)

Капитенот на симпатичниот италијански клуб во Сасуоло првпат дошол во 2005-та година после пет години во други клубови. Заедно со „зелено-црните“ поминал многу долг пат: од четврта лига до Серија А и Лига Европа. Во моментов е рекордер по бројот на настапи за Сасуоло (468).

5. ЏОРЏО КЈЕЛИНИ (Јувентус - во прв тим 16 години, 1 месец, 10 дена)

Првите пет години од кариерата младиот Џорџо ги провел во Ливорно, а во летото 2004-та за 6,5 милиони евра го купува Јувентус но 50% од правата на него ги купува Фиорентина.

Во Фиренца бекот блесна во сезоната 2004/2005 па Јувентус го откупи целосниот договор за 4,3 милиони евра. После првата сезона во Торино Кјелини испадна со Јуве во Серија Б поради аферата калчополи, но таму се бетонираше во прв тим.

Минатата година Џорџо изјави дека во летото 2021 ќе ја заврши кариерата и ќе добие менаџерска позиција во Јувентус, но откако издоминира на Европско првенство летово, Јуве му го продолжи договорот до лето 2023.

Неделава ќе наполни 37 години.

6. СЕМИ БОСУТ (Ѕулте Варегем - во прв тим 15 години, 1 месец и 10 дена)

Белгискиот голман дебитирал во сениорски фудбал во 2003-та година за третолигашот од Белгија Спортинг Вест. После три години како искален голман доаѓа во Ѕулте Варегем. Во 2013-та стана вицешампион на Белгија а во 2017-та го освои Купот на Белгија. Тоа се најголеми успеси на клубот во истријата.

Во 2006-та го освоиле Купот благодарение токму на голманот Босут, па играле во Куп на УЕФА. За репрезентацијата на Белгија има само 1 меч: пријателска против Луксембург пред Светското 2014 (победа 5:1, но во ФИФА не ја сметале официјално оваа средба зошто селекторот на Белгија наместо шест замени направил седум).

7. МАРСЕЛО (Реал Мадрид - 14 години, 7 месеци и 9 дена)

Легендарниот лев бек од Бразил кариерата ја почна во Флуминенсе, но на 18 години ги заинтересирал европските клубови. Во јануари 2007-ма дојде во Реал Мадрид за 7 милиони евра и таму стана легитимен наследник на Роберто Карлос.

Од сезонава е нов капитен на екипата кај Карло Анчелоти.

8. АНТОН ШУНИН (Динамо Москва - 14 години, 7 месеци и 9 дена)

Уште еден голман кој од 2007-ма година чува гол само на еден клуб. Во системот на тимот од Москва Шунин дошол во далечната 1994-та. За родниот Динамо бранел скоро 300 пати и е на 11. место на играчи со најмногу настапи во клупската историја. Пред него е и голманот Лав Јашин со 358 настапи и е на трето место на вечната листа.

9. АНДРЕЈ ПЈАТОВ (Шахтјор Доњецк - 14 години, 7 месеци и 9 дена)

37-годишниот капитен на Шахтјор можеби е едно од најпрепознатливите имиња на оваа листа. Тој заслужено е на вечната листа од 10 најверни играчи на светот. Пјатов во Доњецк дошол од клубот Ворксла во декември 2006-та но до крајот на таа сезона бранел за стариот клуб.

Од 2007-ма е незаменлив во Шахтјор. Летово по Европското 2020 реши да стави крај на репрезентативната кариера.

10. Марсел Шмелцер (Борусија Дортмунд), Махмут Текдемир (Истанбул), Владимир Чеснаков (Ворксла) - сите по 14 години, 1 месец и 7 дена

Десеттото место на најверни играчи го делат тројца 33-годишни фудбалери. Марсел Шмелцер не почнал со фудбал во Дортмунд но на 17 години го забележале скаутите на Борусија и го викнале во младинскиот тим. Од тогаш до денес е во клубот.

Меѓу најверните играчи на континентот се и голманот на Локомотив Москва, Бразилецот со руски пасош Гиљерме кој во клубот од Москва е 14 години и 8 дена, а тука еи Алан Џагоев од ЦСКА Москва со 13 години, 7 месеци и 8 дена.