По Холандија, и Франција се фати за орото - нема спорт до септември

Сезоната 2019/2020 во францускиот фудбал е готова откако францускиот премиер Едуар Филип објави дека никакви спортски настани нема да се одржуваат до септември.

Француската Лига 1 е прва од топ 5 лигите во Европа која ја заврши сезоната до септември. Како ќе се преживее кризатра предизвикана од коронавирус и како ќе се игра во нови услови веќе размислуваат насекаде во светот.

Холандија беше прва која ја суспендираше лигата дури до септември и реши да ја заврши сезоната, а сега тревога за другите лиги стигна и од едно од најголемите првенства во Европа.

ПРЕМИЕРОТ НА ФРАНЦИЈА УДРИ ПЕЧАТ НА ЗАБРАНАТА

На Лига 1 не и останаа никакви варијанти по настапот на премиерот Едуар Филип кој се појави пред јавноста со план за излез на земјата од карантин: Франција се обидува постепено да ги ублажи ограничувањата после 11 мај. Но спортот тука не се вбројува - сè е под забрана до септември.

„Големи спортски настани каде се собираат повеќе од 5.000 луѓе нема да се одржуваат до септември. На тој начин сезоната 2019/2020 во сите видови спорт вклучувајќи го и фудбалот е завршена. Во сончеви денови можете индивидуално да тренирате на улица со стриктно почитување на мерките за социјално растојание“, рекол премиерот на Франција Едуар Филип.

Одлуката на премиерот Филип била тотално неочекувана за фудбалските власти. Челниците на лигата долго време работеа на сопствени варијанти за излез од карантинот, спремаа медицински протоколи, ги планирале базите за затворени тренинзи.

Но сега владата се одлучила без нив, иако француското министерство за спорт уште се надевало дека фудбалот би можел да се врати во август без гледачи.

Важно е да се напомене дека одлуката за крај на сезоната официјално треба да се објави на 30 април на видео-конференција на челниците на лигата и претставници на клубовите.

Француската фудбалска федерација сега има неколку варијанти за тоа како да се распределат местата ако сезоната не се доигра: спремаат одговори за тоа кој ќе оди во Лига на шампиони (освен ПСЖ), кој ќе оди во Лига Европа, кој ќе испадне од лигата итн.

 

29 април 2020 - 10:37