Од каде потекнува дриблингот Кројф?

Писмото на омилениот противник на Јохан

Шведскиот бек Јан Олсон играл на високо ниво цели 18 години, но јавноста го запамети по потегот кој му го направи брилијантниот Јохан Кројф на Светското првенство 1974. година.

Јан Олсон се присети на неколку анегдоти и откри како тој и неговите соиграчи од репрезентацијата симпатично го прифатиле страшниот дриблинг на најдобриот холандски фудбалер на сите времиња.
 
Лажњакот на Кројф на Вестфален стадионот во Дортмунд влезе во историјата како еден од најдобрите моменти на фудбалските терени. Кројф тргнува со телото на една страна и го праќа противникот во таа насока, а во друг момент се врти на другата страна. Од тој момент дриблингот е познат како „Кројф-дриблинг“.
 
Мечот Холандија - Шведска од групата три на Мундијалот завршил 0-0, но дриблингот на Холанѓанецот е синоним за ова првенство кое го освои Западна Германија по триумфот токму над Холандија.
 
Олсон, кој тогаш имал 32 години дури и 42 години подоцна се сеќава на магичниот момент.
„Моите соиграчи ме погледнаа после мечот и почнаа да се смеат, по што и јас почнав да се смеам. И тогаш и сега се смеам. Многу беше смешно. Тој беше светска класа играч и што друго ми остана освен да се насмеам?“, ја почнува приказната Олсон кој напиша отворено писмо во чест на Кројф.
Веста за смртта на легендарниот Јохан го потресе фудбалскиот свет, а Олсон му оддаде почест.
„Јохан Кројф ми го подари најголемиот момент во кариерата. Ми даде парче историја, им даде причина на луѓето, дури и после волку години да го паметат моето име. Чест беше да се игра на ист терен со него па дури и тогаш кога ми ја направи финтата која го носи неговото име. Дента кога ми се смееа 20.000 Холанѓани ќе го паметам засекогаш.
 
Ја гледам снимката од мечот на Мундијалот 1974-та многу пати. Со пријателите, со роднините. Се смеат секој пат, но и јас се смеам. Немав шанса да дојдам до топката од тој меч. Јохан беше најдобар играч на светот, брз, паметен. Што можев да направам да го сопрам?
Олсон го чувал Кројф вкупно четири пати. Покрај дуелот на Мундијалот, се сретнале и во Стокхолм кога Холандија со 5-1 ја прегазила Швеска, а Кројф го постигнал првиот гол. Во следните прилики играле на клупско ниво, кога бекот играл за шведскиот клуб Атвидабергс против Барселона во Европскиот Куп.

„По дриблингот, секоја наредна средба си помислував немој пак сега те молам. Чувството што го познавав беше посебно. Ми беше идол и секогаш ќе ми биде во срцето“, порача Олсон по веста за смртта на Јохан Кројф.