Бројот на жртви во протестите во Бразил стигна до 5 откако момче почина за време на демонстрациите во Бело Хоризонте. 21-годишниот Енрике де Оливиера починал по пад од надвозник, а уште десетмина се повредени за време на протестите.
Претходно тројца демонстранти загинаа откако беа прегазени со автомобили на барикади во Рибеирао Прето и Гоиас, а еден почина од срцев удар по експлозија на граната со солзавец.
И додека Бразилци протестираат незадоволни од недостатокот на средства во образованието, здравството и други социјални и економски проблеми, во период кога владата фрла огромни средства за организација на Купот на конфедерациите и Светското првенство, ФИФА не се вознемири премногу.
Меѓунардоната Федерација на Фудбалските Асоцијации го избра можеби најнепогодниот момент за да соопшти дека потпиша нов спонзорски договор. Францускиот шампањ Тетенже (фр. Taittinger) ќе биде официјален пијалок на Светското првенство кое во 2014-та година ќе се одржи во Бразил.