Име и презиме: Каспер Долберг
Дата на раѓање: 06.10.1997
Позиција: напаѓач
Клуб: Ајакс
19-годишниот Данец ја покори целата скаутска мрежа буквално за две години. За него тренерите на најголемите европски тимови се спремни да дадат повеќе од 10 милиони евра. Потекнува од школата на дански Силкеборг, а неговиот талент прв го воочил скаутот на Ајакс Џон Олсен кој во свое време ги откри Златан Ибрахимовиќ, Ериксен и Фишер.
Олсен немал утка ниту со данскиот талент којшто сезонава даде 13 голови во првенството со 5 асистенции.
Негови најсилни страни се дриблингот, стартната брзина и шутот со глава. Долберг во просек има по 2,14 шута во рамки на голот по натпревар а со 19 години веќе важи за најдобриот играч во Ередивизија. Него го бараат Челси, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Баерн и Борусија Дортмунд, но за главен претендент за неговиот потпис се смета Ливерпул.
На почетокот на годинава Данецот беше номиниран на листата кандидати за наградата „Најдобар млад играч на светот - Golden Boy-2017. Сезонава дебитираше во Лига на шампиони и го води Ајакс на патот кон полуфиналето на Лига Европа. Неговата вредност за 9 месеци пораснала за дури 40 пати повеќе! Од 200.000 евра Долберг стигнал до 8 милиони евра.
Име и презиме: Николај Јоргенсен
Дата на раѓање: 15.01.1991
Позиција: напаѓач
Клуб: Феенорд
Николај Јоргенсен е уште еден Данец кој ја покори фудбалска Холандија. Минатото лето Феенорд го донесе од Копенхаген каде напаѓачот за четири сезони се покажа како голем талент.
Главниот тренер на Феенорд, Џовани ван Бронхорст решил да го прекомандува масивниот Николај од лево крило во самиот шпиц и тоа било совршено решение. Денес Јоргенсен е лидер на листата на стрелци и листата на асистенти: 19 гола и 12 асистенции. Неверојатната ефикасност на Данецот го прекрива отсуството од техника кај него. Висок е 1.90, важи за крупен, корпулентен шпиц кој тешко се чува.
Селекторот на Данска Оге Харејде конечно има два одлични центарфори на располагање а Николај е најзаслужен што Феенорд е на одличен пат да стане шампион на Холандија првпат после 1998/99-та.
Име и презиме: Енес Унал
Дата на раѓање: 10.05.1997
Позиција: напаѓач
Клуб: Твенте
Младиот Турчин Енес Унал го привлече вниманието на топ-клубовите пред две години. Манчестер Сити го препозна талентот кај Еенес и го купи од Бурсаспор за 3,2 милиони евра.
Тогаш 17-годишниот Унал никако не можеше да смета на место во стартниот состав на Сити и го пратија на долго патешествие по Европа на пракса.
Ништо не покажа во Генк, па премина во НАК Бреда, холандски второлигаш каде дал 14 гола на 8 меча, но во Сити сметале дека уште е рано да се врати во Англија. На помош дошол Твенте за кого денес игра „турскиот Меси“ како што го викаат Британците. Сезонава има 15 гола во првата лига и 3 асистенции.
Турција полага многу надеж во него. На 16 години Енес Унал станал најмладиот стрелец во историјата на турската Суперлига, а после две сезони имал неверојатен учинок: 182 гола на 100-ина меча за вториот тим на Бурса и 24 гола на 25 меча за Турција У-16. Во март минатата година селекторот на Турција Фатих Терим го забележал и го прекомандувал во сениорската репрезентација.
Сити размислува да го врати од позајмица, но тој тешко дека би се изборил за место со Агуеро и бразилското чудо Жезус.
Име и презиме: Себастијан Алер
Дата на раѓање: 22.06.1994
Позиција: напаѓач
Клуб: Утрехт
Францускиот центарфор на маса имал понуди од неколку премиерлигаши меѓу кои Сандерленд и Норвич, но тој сакал да игра во еврокуповите и решил да остане во Утрехт кој се бори за пласман во Лига Европа догодина. Алер е најдобар играч на Утрехт со 13 гола и дури 7 асистенции. Вкупно за три сезони постигнал 43 гола.
Негова најсилна страна се дејствијата во шеснаесетникот, дриблингот и слободните удари. Често демонстрира и одлична игра со глава. Денес на трансфер пазарот вреди 8 милиони евра.
Настапува за Франција У21 за која има 10 меча и 6 гола (против Македонија У21 во Скопје). Кај сениорите ќе има голема конкуренција со Гризман, Жиру и Мбапе.
Име и презиме: Сам Ларсон
Дата на раѓање: 10.04.1993
Позиција: средина на терен
Клуб: Херенвен
Ларсон денес е далеку од новиот фудбалски бисер на Шведска како што го нарекуваа, но младото крило и натаму важи за „Самба-Сам“ или „бразилскиот“ Швеѓанец. Од 2012 до 2014 играше за Гетеборг а потоа и покрај побогати понуди се реши за клубот кој изнедри играчи како Руд ван Нистелрој, Бас Дост, Клас-Јан Хунтелар и Георгиос Самарас.
Сам Ларсон е брзо крило со неверојатна техника, дриблинг и контрола на топка како Бразилец. Тешко е да се најде во Ередивизија крило како него. Состави страшен тандем со иранскиот напаѓач Реза Гучанежад со кој се надаваа голови и му донесоа на тимот 40 бодови од системот „гол-асистенција“.
Договорот на Сам му истекува на лето 2018-та, а во моментов вреди 7 милиони евра. Во 2015-та тој одбил да се пресели во ПСВ Ајнхдовен на местото на Мемфис Депај. Голема е веројатноста дека летово ќе оди во топ-клуб затоа што веќе ја надмина холандската лига.