Од фудбалот не е лесно да се откаже човек, доказ за тоа се многу играчи кои и како ветерани имаат се уште "батерии" и издржуваат по 90 минути. Само мал дел од нив се извонредните Занети и Гигс кои наскоро ќе наполнат 40 години или Едгар Давидс кој на иста возраст е играч/тренер во петта англиска лига.
Други пак откако ќе се повлечат сфаќаат дека не можат без фудбалот и за кратко време прават „кам бек". Најсвеж е примерот со Хуан Себастијан Верон кој kако клупска легенда на Естудијантес ја започна и ја заврши кариерата, а потоа ја извршуваше и директорската функција.
Но откако од фотељата гледаше како неговиот тим тоне, оделото го замени со дресот за да го извлече клубот од кризата. Неговото враќање на теренот има и хуман чин, а тоа е откажување од неговата плата која ќе ја донира во младинската школа на Естудијантес.
Уште една важна фигура од средниот ред се врати во фудбалот, а тоа е Полс Сколс кој по втор пат му се придружи на своето долгогодишно друштво во Манчестер Јунајтед. По 18 години минати на „Олд Трафорд" и над 700 настапи, Англичанецот се повлече на 31 мај 2011 година и беше ангажиран во клубот како тренер.
И покрај тоа што Сколс одигра проштален натпревар, по нешто повеќе од половина година се врати во составот на Фергусон и во мај 2013 година со шампионска титула и стави конечен крај на играчката кариера.
Враќање на островот имаше и германскиот голман Јенс Леман кој последните две сезони ги одигра на Штутгарт и на 41 година ги соблече ракавиците. Но на Арсен Венгер му се повредија сите голмани, освен Алмунија па само еден повик беше доволен да го врати Леман на Емирати каде настапуваше 5 сезони.
Ветеранот Мануел Алмунија се повреди на загревањето на мечот против Блекпул, а Леман беше приморан да го стартува мечот и со тоа го одбележа својот 200-ти настап за Арсенал, а стана и најстар играч на „Топџиите" кој заиграл во Премиер лигата. По завршувањето на сезоната Германецот по втор пат се пензионираше.
Најтешко се чини да се тргне од фудбалот му беше на легендарниот Ромарио кој се изнаигра до 43 годишна возраст исто како поранешинот голман на Лацио, Марко Балота. Последната деценија покрај краткиот престој во САД и Дубаи ја мина во неколку бразилски клубови.
Во 2008 година рече доста е не играм повеќе, времето ми истече а сето ова беше голема забава. Но по само една година се врати за да му ја исполни желбата на својот татко кој навива за Америка, мал клуб од Рио де Жанеиро.
Ромарио влезе во 68 минута на мечот против Артсул како замена за Адријано, но не успеа да даде гол. По само 20 минути игра за омиленот клуб на татко му и стави крај на кариерата и влезе во политичките води.
Самиот фудбалер тврдеше дека успеал да ја мине границата од над 1000 клупски голови, но според податоците на Википедија во неговата 23 годишна кариера има вкупно 688 погодоци.
1974 година ќе остане запаметена по повлекување на најдобриот играч на сите времиња Пеле кој ја мина к19 годишната кариера во Сантос и на 1115 настапи постигна 1088 гола на сите натпреварувања.
По две години легендарниот Бразилец се врати на теренот благодарение на еден од најдобрите американски клубови во тоа време, Њујорк Космос каде остана три сезони и на кој му ја донесе и шампионската титула.
На 1 октомври 1977 година Космос и неговиот поранешен клуб Сантос организираа пријателски натпревар во негова чест кој привлече огромно внимание. Пеле одигра по едно полувреме за двете екипи, а на паузата дресот со број „10" замина во историјата.