Од тогаш, до денес, за 37 години, Дерек дури шест пати го бодрел Свиндон на „Вембли“, шест пати се радувал на пласман во повисок ранг и седум пати тагувал кога Свиндон испаѓал во пониска лига.
Дерек е таков цар што го гледал дури и легендарниот Глен Ходл и како играч и како тренер, бил на англо-италијанскиот Куп (на времето се играло таков турнир) и во живо ги изгледал сите средби во единствената сезона во Премиер лига за Свиндон.
ДВЕ ИЛЈАДИ НАТПРЕВАРИ! П-О Р-Е-Д!
А пазете, што е најинтересно 68-годишниот Елстон никогаш не живеел во Свиндон. Тој израснал во Вотфорд (131 километар до Свиндон), а потоа се преселил во Нортемптон (119 км до Свиндон).
„Моите родители имаа пријатели кои живееа во Числдон - предградие на Свиндон. Секогаш се радував кога одевме кај нив и така решив да навивам за Свиндон. До градот многу удобно се стигнува со воз“, ја почнува својата приказна верниот Елстон.
„Првпат на меч на Свиндон бев во 1967 година. Тогаш од работа земав по 4,5 фунти и ретко патував.“
Елстон денес е пензиониран автомеханичар кој никогаш не трчал за некакви рекорди и слава - просто се навикнал да оди на фудбал во вторник и во сабота. Но се случило неколку пати за малку да ја прекине неверојатната серија.
„Во 1984 година во последното коло ние испаднавме. Просто бев скршен. Со еден другар молчевме цел пат за дома. На заминување ми кажа: „Се гледаме следната сезона“. На тоа јас одговорив дека не одам веќе. Но и покрај се, не можев да се откажам од Свиндон“, се сеќава Дерек.
Неколку пати најверниот навивач на светот бил физички спречен да оди на утакмица. Пред пар години требал да се оперира на нозете, па барал соодветен датум на операција кога сезоната нема да биде во тек.
Немало таков датум па после операцијата жена му го возела Дерек на гостување во Карлајл.
***
Денес Дерек Елстон е сопственик на неколку неверојатни достигнувања. Прво и најважно - цели 37 години не пропуштил натпревар на Свиндон. Второ, овој пензионер од Нортемптон во живо ги гледал сите екипи кои играле во првите четири англиски лиги. И трето, Елстон колекционира програм флаери од секој натпревар кој го гледал - веќе има 2.000! И плус уште 7.000 значки.
37-годишната серија почнала со натпреварот од втората рунда на ФА Купот против Сатон во далечната 1981 година.
На 2 декември 2018 пред мечот од Купот против Вокинг (шестолигаш), луѓето од Свиндон му предале плакета и награди на најверниот навивач со 2.000 одгледани средби! Му подариле торта како и дрес за спомен.
„Додека сум жив и здрав ќе одам на фудбал“, гордо рекол Елстон.
На Boxing Day, традиционалниот период од годината кога Англичаните играат фудбал на Божиќ, Свиндон ќе гостува во Нортемптон, градот каде живее Елстон. За среќа, Дерек веднаш после Божиќ нема да мора да патува 100 и кусур километри од дома.