Во синоќешниот тежок пораз на Наполи од 3:0 од екипата на Викторија Плзен во рамките на Лигата на Европа, Горан Пандев ја доби најслабата оценка 4, заедно со колегите Ѕунига и Ел Кадури. Но ова не е единствениот натпревар сезонава во кој на Пандев не му одат работите на теренот.
Статистиките покажуваат дека тој за Наполи нема постигнато погодок во изминативе 20 меча или на 1219 поминати минути на теренот, а тоа до сега му се нема случено ниту еднаш. Најсувиот период без постигнат гол на 18 натпревари го имал до дресот на Анкона, а за тимот на Интер најдолгата лоша серија му била во период од 17 настапи.
На досегашните 24 кола во Серија А, нашиот репрезентативец има постигнато само два гола. Првиот на 16 септември против Парма, а вториот и воедно последен, на 7 октомври кога Наполи го совлада Удинезе со 2:1. Од тогаш Пандев ја тресеше мрежата само еднаш, но во дресот на Македонија на пријателскиот меч против Данска на 6 февруари.
Впрочем головите за репрезентативниот дрес на некој начин му станаа и негова специјалност но само на пријателските дуели. Во официјалните квалификациски мечеви е без постигнал гол на 14 меча во низа. Последен пат погоди од пенал на 10 септември 2008 година против Холандија, натпревар во рамките на кфалификациите за Мундијалот во 2010 година, кој Македонија го загуби на домашен терен со 2:1.
Од тогаш постигна 10 погодоци на пријателските дуели против Иран (1), Канада (2), Катар (2), Шпанија (2), Црна Гора (1), Азербејџан (1) и Данска (1).
Да се надеваме дека оваа црна серија ќе ја прекине на 22 март, кога на арената „Филип Втори" гостува селекцијата на Белгија во рамките на квалификациите за Светското првеннство 2014 година.
Овие податоци на кои сигурно не се радува Валтер Мацари, не се баш позитивни за играч кој настапува за второпласирана екипа во Серија А, која сезонава ќе се обиде да го сопре Јувентус во одбраната на титулата.
Со продажбата на Лавеци кој од оваа сезона ги брани боите на ПСЖ, Пандев има многу поголема минутажа во Наполи, но ако се погледне табелата со стрелци, го нема ниту помеѓу најдобрите петмина. Кавани е лидер со 18 гола, втор е Хамшик со 9, потоа следуваат Инлер со 5, а Инсиње и Маџо со по 4 гола.
Наполи - Удинезе 2:1, 7 октомври 2012
Македонија - Холандија 1:2, 10 септември 2008