Пандев се врати во Вијареџо и играше против Интер

На турнирот на кој некогаш блескаше Горан Пандев, сега игра неговата Академија Пандев, екипа која загуби од бранителот на титулата Интер со 4:0 на отворањето.

Од февруари до март 2001. година младинците на Беласица од Струмица предводена од тогашниот прв човек на клубот, Ванчо Таковски и талентираните клинци Горан Пандев, Ацо Стојков, браќата Попов, Балдовалиев и останатите одиграа пристојно на реномираниот турнир Вијареџо.
 
На турнирот тогаш играа и младинците на Интер, Џенова, Јувентус, Лацио, Милан, Парма, Наполи, Палермо, Рома, Сампдорија, Фиорентина, Црвена Звезда, Спартак Москва, Нордсјеланд и неколку бразилски екипи.
 
По тој турнир, талентираната генерација на Пандев заигра и во првиот тим на Беласица, доминираше кратко и во македонскиот фудбал, а подоцна речиси сите играчи направија добри трансфери надвор (Пандев и Стојков во 2002. година потпишаа со Интер).
 
Оттогаш до денес организаторот на турнирот во Вијареџо редовно ја покануваше Беласица, а годинава таму претставник е Академија Пандев, клубот основан од фудбалерот на Џенова.  Пандев во живо од трибините го следел мечот на неговата Академија против Интер, а Италијанците славеле 4:0. Македонскиот клуб пружил достоен отпор само во првиот дел, а посебно добро одиграле Миловановиќ и Радојчиќ, како и малиот Трапановски (роден 99-та а игра со генерација 97-ма) кој го заменил Курт во вториот дел.
 
Покрај Интер, Академија Пандев е во група уште и со Специја како и АПИА Лајнхард од Австралија екипа против која играат утре од 14:30 во второто коло.

Академијата Пандев на турнирот во Вијареџо игра без еден од најталентираните играчи, Јани Атанасов кој веќе извесно време тренира во младинските категории на Интер, екипа која не му дала дозвола за настап. Атанасов веројатно налето ќе игра за Примавера, младинците на Нераѕурите, а веќе настапува и за македонската репрезентација до 17 години.

Јани Атанасов е новиот бисер од Струмица