Веќе подолго време трае војна на релација Агенција за млади и спорт (АМС) со ФФМ. Првите бараат вториве да го усогласат статутот со Законот за спорт со што клубовите би имале поголема одлучувачка моќ на Собранијата и нивниот глас би се слушнал погласно.
АМС бара и целосна реформација во Општинските фудбалски сојузи (ОФС), а ФФМ веќе извесно време се прави дека не слуша. На темата се огласи и нашиот најдобар фудбалер.
За состојбата во македонскиот клупски фудбал, Пандев напиша подолг пост во кој ги критикуваше луѓето од ФФМ. Горан револтиран објави фотографии од снежниот терен при првото пролетно коло и контакт од еден од фудбалерите во казнениот простор.
„Срамно и жално... уште еднаш докажавте дека вие сте нефудбалски луѓе, луѓе што не му мислат добро на македонскиот фудбал, туку ве интересираат само вашите лични интереси и затоа одлуките ви се вакви... Доста се криевте зад резултатите на репрезентацијата, сигурно паметот ви е уште во огромните премии што ги поделивте на наш грб, на грбот на репрезентацијата што гиневме за македонскиот дрес. Излезете јавно и кажете што направивте за македонскиот фудбал, за нашата (аматерска) лига, колку им помогнавте на клубовите во овој тежок период... Спремен сум ако не се сменат некои работи, ако клубовите не одлучуваат во ФФМ, да се тргнам настрана...“, напиша Пандев.
Горан Пандев веќе десетина години е главен инвеститор и основоположник на Академија Пандев, клуб кој тргна од низок ранг (општинска лига) и за неколку години стана мошне стабилен прволигаш кој го освои дури и Купот на Македонија и заигра во еврокупови.