Пандев има две нови интервју во италијанскиот печат, а за тоа има два повода. Назначувањето на Валтер Мацари за нов тренер на Наполи со кој работеше и квалификацискиот меч Италија - Македонија.
„Corriere dello sport“ и „Cronache di spogliatoio“ го контактираа Горан да даде свое мислење за двете теми.
„Наполи е 10 бода зад Јуве и Интер, што е многу, но сигурен сум дека Мацари ќе влезе во топ 4 и ќе се забавува во ЛШ и Купот на Италија“, смета Пандев.
Мацари отсекогаш играл во систем 3-5-2, но во Италија тврдат дека сега ќе се префрли на 4-3-3.
„Системот е лажен проблем. Сигурен сум дека тој е вистинскиот човек да го врати Наполи меѓу најдобрите тимови. Тој добро го познава амбиентот во клубот и се надевам дека ќе направи добри резултати. Се слушнавме пред некое време, неговата идеја беше да биде селектор на Италија, но кога ќе ти се јават од Наполи тешко е да одбиеш. Тој е многу поврзан со атмосферата, помина прекрасни години. Сите се забавувавме со него и љубопитен сум да видам како ќе му оди“.
Пандев се наврати на тие убави времиња со Мацари кој му беше две сезони тренер во Наполи. Првата 2011/2012 го освоија Купот на Италија против Јувентус, а следната завршија втори на табела, најдобар пласман во последните 20 години.
„Многу се забавував, имавме добар тим и играта ни течеше лесно на памет, потезите излегуваа природно, бидејќи со него работевме многу на тактички план. Кога го освоивме Купот, се сеќавам дека плачеше од радост, бидејќи знаеше добро што значи за градот кога ќе се освои трофеј.
Тој е суеверен. Јадеше рано, се гледаше со исти луѓе кои му носеа среќа. Преферира одбрана со тројца, но големите тренери се адаптираат на своите играчи. Многу викаше, ги доживуваше многу емотивно натпреварите, но беше многу мил. Мислам дека сега е малку смирен, има големо искуство, беше тренер и во странство“.
Инаку Пандев рече дека за квалификацискиот меч меѓу Италија и Македонија кој се игра в петок од 20:45, нема да биде на стадион.
„Натпреварот ќе го гледам на тв, нема да бидам во Рим. Тоа е посебен меч за мене, така што нема да давам прогнози“.
„Моментално раководам со клуб што го купив во Македонија. Мислам дека нема да станам тренер. Сакам да уживам со семејството, нешто нешто не можев да го правам претходно. Можеби ќе учам за да станам директор, почнав со Бранкини, но сè уште немам јасни идеи“, заклучи нашата најголема фудбалска легенда со 20 години кариера во Италија.