Панчев: Неспособни и несоодветни луѓе ме саботираа во Интер, а Ѕвезда ми е животна школа

„Не сум му лут на клубот, туку на оние кои беа на чело во тоа време: неспособни и несоодветни. Морати мораше да биде трпелив 15 години пред навистина да ја промени организацијата, лошата атмосфера и губитничкиот дух, за да освојува трофеи со маестро Манчини“.

Во очи на мечот меѓу Интер и Црвена Ѕвезда, кој се игра вечерва од 21 часот, Газета дело Спорт направи интервју со Дарко Панчев.

Со едните стана европски првак и Златна копачка, а тоа му обезбеди виза за голем трансфер во Серија А.

Но за изборот на клубот, Панчев потсети на една изјава на големо фудбалско име кое блесна во градскиот ривал на Интер:

„Во право беше големиот Ван Бастен кога рече: „Панчев направи добро што дојде во Милано, но ја промаши адресата“...

Панчев, вечерашниот натпревар барем малку е и „ваш“.

Не само мој. Создава возбуда кај милиони навивачи во светот, се среќаваат два клуба кои го имаат освоено најважниот трофеј. Секој љубител на фудбалот ќе го следи со интерес. Очекувам непредвидлив и возбудлив натпревар, но тоа обично се случува кога во средина се  наоѓа Интер, еден од најсилните тимови во светот.

Значи постојат сомнежи за кого ќе навивате?

Секако дена не, јасно е за кого ќе навивам. За мене Црвена Ѕвезда, заедно со Вардар, каде пораснав се сè. Не зборувам само за фудбалот, туку за животот. Ме научи како да постојам на овој свет. Што се однесува до моето навивање, ова е натпревар кој ми носи посебна возбуда со оглед дека го носев дресот и на двете екипи. Три сезони во една, три во другата, иако со различни резултати. Не само поради моја вина.

Сè уште ли сте огорчен?

Грешите ако и вие мислите дека Дарко Панчев е огорчен, лут и полн со омраза кон Интер. Не може да биде така. Интер е големо име што треба да се почитува, институција која постоела, постои и ќе постои без разлика на среќата на оние што играат таму. Не можам да го обвинам клубот за тоа како се движеа работите.

Тогаш кого обвинувате?

Нема да спомнувам имиња, но одредени луѓе ме саботираа одвнатре. Раководни лица на многу високи позиции, несоодветни и неспособни. Цената што ја плати клубот поради нивната вина, се виде по тоа што требаше долго време да се вратат на врвот. Морати мораше да троши и да биде трпелив 15 години пред навистина да ја промени организацијата, лошата атмосфера, внатрешната декаденција и губитничкиот дух за да освојува трофеи со маестро Манчини. Не само јас, туку во мојата ера многумина заминаа брзо и успеаја да изградат добри кариери.

Честопати зборувавте за групата на италијански фудбалери кои притискаа на ваше место да игра Тото Скилачи, можете ли да го потврдите ова?

Сите беа соиграчи во репрезентацијата, потоа оттаму се расправав со тренерот Бањоли и со клубот, но денес не сакам да се навраќам на тоа. Наместо тоа, сакам да се потсетам на големиот Тото кој не напушти. Тоа е болка, тој беше многу добра личност, како и одличен играч. Се натпреварувавме за место во тимот, но секогаш се почитувавме.

Каква Црвена Ѕвезда доаѓа на Сан Сиро?

Млад, гладен тим со светла иднина пред себе. Немојте да бидете изненадени ако за неколку години се вратат на највисоките европски нивоа. На Балканот никогаш не недостасува талентот, но економската слабост ги спречи последните резултати. Сега се инвестираше во инфраструктура и тоа наскоро ќе вроди со плод. Тимот на Милојевиќ има брза, организирана игра и како што е традиција на Црвена Ѕвезда од нејзиното основање, секогаш офанзивна. Сака да постигне гол повеќе, не да оди на нерешено.

Очекувате ли изненадување?

Фаворити се нероаѕурите, но никогаш не се знае. Без разлика на резултатот, на стадион како Сан Сиро важно е да се игра со достоинство и почит. Ќе им недостасува најдобриот, а тоа е Иваниќ. Се работи за прекрасен плејмејкер кој шутира и знае како да асистира.

 

Го следите ли сè уште Интер од Скопје?

Никогаш не престанав да ги следам, дури и кога првенството повеќе не е конкурентно како во мое време. Многу ми се допаѓа тимот на Симоне Инѕаги поради напаѓачкиот фудбал, не се штеди и не калкулира и секако е најдобар во Серија А. Се разбира, во ЛШ нивото се подигнува и конкуренцијата станува потешка, бидејќи треба секогаш да се соочиш со гиганти како Реал, Сити и Баерн.

Кои се вашите омилени играчи во денешниот тим на Интер?

Ми се допаѓа Лаутаро како вистински стрелец. Црвена Ѕвезда мора да биде многу внимателна на него. Имаат и среќа што нема да игра Барела. Во овој тим, сепак, има многу важни извори на игра, од Чалханоглу во средина, до Димарко на крило. Соочувањето на играчи од ова ниво, ќе биде инспирација за српските момчиња.

Еднаш засекогаш, што е Интер за вас денес?

Грешка. Одлуката да потпишам не беше најдобрата што ја донесов во мојот живот. Ве уверувам, во тој момент бев во супер положба, ме сакаа сите врвни клубови. И надворешната ситуација ми влијаеше. Бев навикнат да мислам само на фудбалот, но никој не може да остане рамнодушен на војна каква што ја водеа нашите народи на Балканот. Друг проблем е што од Белград навистина не знаев ништо за странските клубови, не знаев каква игра има Интер, каква е атмоферата во соблекувална. Почетокот беше ветувачки, потоа стана се лошо. Во еден момент сакаа да ме натераат да заработам помалку, велеа дека ако не се согласам, нема да играм повеќе.  Ми ја одземаа радоста за фудбалот и головите.

Да завршиме вака, во право беше големиот Ван Бастен кога рече: „Панчев направи добро што дојде во Милано, но ја промаши адресата...

Кога Панчев се нашол на погрешно место во погрешно време, а конкуренција му бил Тото Скилачи

Панчев: Ѕвезда е живот, кога го облеков дресов добив желба да истрчам на терен

1 октомври 2024 - 15:45