Панчев: Ѕвезда е живот, кога го облеков дресов добив желба да истрчам на терен

Црвена Ѕвезда ја одбележа 33 годишнината од европската титула на уникатен начин. Дојде на гости во Скопје и го разубави фан шопот со производи на кои стои името Дарко Панчев.

Црвено белите изработија ретро дрес со славната 9-ка на Панчев кој на 29 мај 1991-ва во Бари го постигна последниот пенал во финалето од КЕШ против Олимпик Марсеј.

Еден примерок доби нашиот легендарен напаѓач, а му го подари прекрасната водителка Татјана Шајковиќ која е дел од клубот и која му направи кусо интервју во Скопје.

„Кога го облеков овој прекрасен дрес, ми се вратија спомени од моментот кога ја покоривме Европа во 1991 година и морам да признаам дека е многу удобно, додека покрај светиот грб, на бројот 9 го има и мојот потпис. Мило ми е што на овој начин се чуваат сеќавањата на нашата генерација. Кога го облеков добив желба да истрчам на терен, но годините си го прават своето“.

„Многу е тешко да се повтори нашиот успех, бидејќи времињата се сосема поинакви. Потребни се многу пари, бидејќи младите и талентирани играчи заминуваат во странство веднаш штом ќе се појави првата можност. Мојата филозофија е дека еден млад играч секогаш треба да остане во Ѕвезда неколку сезони, да одигра минимум 150 меча, да созрее и да му врати на клубот за се што му овозможил“.

„Секогаш сум зборувал дека Вардар и Црвена Звезда се моите најдраги клубови. Јас имам две мајки, едната е Македонија, другата е Србија, таму ми било најубаво и тоа не може никој да го промени. Се останато беше само одење во странство, како гастербајтерите кога одат да работат, така се чувствував“.

„Секоја од нашите шампионски генерации живее на различно место, опкружена со своите пријатели, но почитта и искрената врска меѓу нас останаа до ден-денес, па затоа и се слушаме многу често. Скоро се слушнав со Роби за да му честитам кога стана селектор на Црна Гора. Се слушам и од Пикси, Дејо, Стојановиќ... Многу ми е драго што е така“, вели Панчев

Меѓу најновите ретро понуди во фан шопот на Црвена Ѕвезда, покрај дрес од Панчев може да се купат капче и привезок.

 

 

30 мај 2024 - 12:04