Вечерашната класика на Вембли во првото полуфинале на ЕП не можеше да биде поизрамнета. Се работи за дуел број 38 меѓу овие две селекции од кои е произлезена следнава статистика: 11 победи за Италија, 11 за Шпанија и 15 нерешени.
„Актуелната репрезентација на Италија позитивно ме изненади, вели Висенте Дел Боске во коментар насловен како „Наследството на Саки и Капело“. Човекот кој со Шпанија ги освои СП 2010 и ЕП 2012.
Одлични пофалби за играта дава не само поранешниот, туку и актуелниот селектор на Шпанија, Луис Енрике, кој има прекрасни спомени од едногодишната авантура како тренер на Рома.
„Среќен сум што играм против репрезентацијата на земјата која ми се допаѓа многу и која ќе се обидам да ја посетам секогаш кога ќе можам. Ја сакам Италија, ми се допаѓа Рим и таму поминав многу убаво време. Сè ми се допаѓа кај нив, храната, луѓето, кафето, сладоледот, Рим, фудбалот. За мене секогаш е задоволство да играм против Италија“, вели Енрике.
Ел Паис се навраќа на Пескара предводена од Зденек Земан каде почна и се калеше Марко Верати пред да направи спектакуларен трансфер во ПСЖ и го истакнува триото во среден ред.
„Верати за нив е важен, како што е за нас Бускетс. Тој е многу сигурен во играта, технички спремен. Оваа Италија е далеку од онаа одбранбена слика која продолжува да се прикажува во некои фудбалски кругови.
Триото на Манчини во среден ред, Барела – Жоргињо – Верати има сличности со она кое беше формирано со Чави – Бускетс – Иниеста во Барселона на Гвардиола“, пишува шпанскиот весник.
Педри, Аспликуета, Маркос Сена, Луис Енрике...сите повторуваат дека вечерашниот натпревар ќе се одлучува во средниот ред. Ќе победи тој што ќе ја однесе дома топката, нешто што Италија денеска го прави и сака, како што тоа го правеа Шпанците.
Кој ќе ја земе? Прашува Марка на насловна и анализира три дуели кои ќе бидат клучни: Бускетс против Верати, Педри против Барела и Коке против Жоргињо.
Мундо Депортиво пак вели: Шпанија и Италија се среќаваат кога се најслични. Им ги споменуваат светските успеси на Мундијалите 2006-та и 2010-та, со таа споредба што сега немаат некоја голема ѕвезда и селекциите не им се состојат најмногу од играчи кои играат во најголемите клубови на нивните првенства.
Тимот на Манчини е пример за стилска промена во фудбалот, завршува познатиот шпански весник.