Рафа Бенитез со Валенсија освои два пати Ла Лига и еднаш Куп на УЕФА, потоа Лига на шампиони со Ливерпул, Супер Куп на Европа и ФА Куп. Со Интер ги освои италијанскиот Супер Куп и Светското клупско првенство, со Челси Лига Европа и со Наполи Куп на Италија и Супер Куп на Италија.
Со овој багаж што го носи не заслужува медиумите до толку да го шиканираат, иако за сезоната 2015/2016 која ќе сака што побрзо да ја заборави, заслужува критики.
Минатото лето Флорентино Перез го ангажираше за тренер на Реал Мадрид каде и ја почна кариерата како млад стратег на тимот У19 со кој освои титула во сезоната 1992/1993. Но на средина од сезоната доби отказ и по два месеци одмор замина во Премиер лигата и се посрамоти, а неговиот наследник Зинедин Зидан без тренерско искуство стигна до финале во ЛШ и е во трка за титула во првенството.
На Бенитез едноставно не му се посреќи на кралската клупа каде уште пославни имиња од него се имаат изгорено. Со Роналдо немаше разбирање, на еден меч во декември додека се читаа составите, публиката го свиреше, а во Копа дел Реј се избламира откако во игра го стави Русинот Черишев кој поради суспензија немаше право на настап, иако тука треба да им се препише немарност и на тим менаџерот на клубот.
Сезоната за Шпанецот одеше само надолу. На 4 јануари во Мадрид доби отказ, на 11 март доби задача да го замени Мекларен и да го спаси Њукасл од испаѓање, но синоќа нивниот голем ривал Сандерленд славеше 3:0 противв Евертон и со тоа тимот на Бенитез и официјално стана второлигаш.
Пред неговото доаѓање Њукасл имаше освоено 24 бода на 28 средби, а со него стигна до 10 бода од можни 27, што се покажа како малку. Загуби од Бурнемут, Лестер, Норич и Саутемтпон, ремизираше со Сандерленд, Манчестер Сити, Ливерпул и Астон Вила, а по 3 бода освои само против Свонси и Кристал Палас.
Култниот клуб од Сент Џејмс Парк кој стана првак на Англија во 1905, 1907-та, 1909-та и 1927-ма, кој има освоено 6 ФА Купови (последниот во 1955-та) и кој три сезони има играно во четвртфинале од Лига Европа по пауза од 6 години повторно се враќа во Чемпиошип.
Газдата Мајк Ешли во 2007 година купи 41,6 % од акциите на Њукасл и минатото лето потроши 80 милиони фунти на засилувања, но тој никогаш не стекна доверба кај навивачите. Само два пати во последниве 8 години Њукасл заврши во топ 10, а за 10 години смени 11 тренери.
Податок кој исто така е за одбележување е тоа што Њукасл стана најскапиот тим кој испаѓа од Премиер лигата. Неговата вредност е 179 милиони евра, а Сандерленд кој практично го елиминираше вреди 86 милиони. Бурнемут 89 милиони.
Во 2009-та Њукасл со Мајкл Овен не успеа опстане во Премиер лигата, прв пат после 92-ра, а веќе следната година се избори за кам бек. Клубот и во Чемпионшиш сака да го задржи Рафа Бенитез, но прашање е дали ќе успее да го задржи костурот на тимот кој ќе треба да се бори за враќање во англискиот крем.