Во првата сезона без сер Алекс Фергусон, Манчестер Јунајтед го загуби победничкиот менталитет. Дејвид Мојес беше предвиден за подолги стази, но после година си замина со спуштена глава, откако не успеаа да се пласира во Европа. Без европски натпреварувања, првпат по 1989. година, Јунајтед е во загуба од 34 милиони фунти.
Човекот што треба да го спаси клубот е Луи Ван Гал, тренер кој во досегашната кариера ги водеше Ајакс, Барселона, АЗ Алкмар, Баерн Минхен и холандската репрезентација.
Со Лалињата Ван Гал имаше одлично Светско првенство, по што веднаш замина за Манчестер и се фати со работа во клубот. Тој прво состави листа на играчи кои нема да му бидат потребни, на која се најдоа: Фелаини, Заха, Андерсон и Бебе.
Паралелно со ова тој ги кажа и своите желби за засилувања, меѓу кои се споменуваат Видал и Пол Погба од Јувентус. Јунајтед претходно потпиша со Андер Ерера од Билбао и левиот бек Лук Шо кој дојде од Саутемптон.
"Горд сум што сум овде. Заедно ќе победуваме и заедно ќе губиме. Сакам да бидеме колектив и заедништвото да биде пред се'," изјави Ван Гал на презентацијата.
По заминувањето на Немања Видиќ во Интер и Рио Фердинанд во КПР, капитенската лента остана кај Евра на кој му истече договорот и кој е пред трансфер во Јувентус.
Дилемата околу капитен на клубот е меѓу Ван Перси, кого Ван Гал го постави за капитен на холандската репрезентација, и Вејн Руни кој има долг стаж во клубот и со години е столб на играта на Јунајтед.
"Секој играч има потенцијал да биде капитен, но мене ми треба време да одлучам затоа што тоа не е мала работа," вели Ван Гал.
Пред почетокот на сезоната, Манчестер ќе одигра неколку пријателски средби во САД, каде Ван Гал ќе го гланца тимот во дуелите против ЛА Галакси, Рома, Милан, Интер и на генералната проба против Реал Мадрид.