Сигурно дека од Хоргош до Сурдулица има мал милион луѓе кои со денешното утринско кафе муабетот го почнале со зборовите од типот:
„Знаев дека Милан Павков е најдобар играч во Црвена Ѕвезда, ама знаев. Не знам зошто не му даваа шанса до сега“.
А реалноста е сепак друга, бидејќи зборуваме за резерва и игнориран играч со вкупно 8 настапи сезонава на сите натпреварувања. Во квалификациите за ЛШ доби само една шанса како стартер, а денеска сите пишуваат и го величат особено за проектилот со кој ги постави сензационалните 2:0.
Додека овој робусен шпиц кој делуваше тромаво при бавниот залет за вториот гол, се калел на терени удавени во кал, само еден човек верувал дека еден ден може да заигра фудбал како напаѓач.
Тоа не е генералниот директор на Црвена Ѕвезда, Ѕвездан Терзиќ кој го скаутираше подоцна и на пластичен начин и објаснуваше на јавноста дека Павков газел во дресот на Раднички и го заслужил позивот од Ѕвезда.
Туку поранешниот тренер на Нови Сад, Драган Ивановиќ кој во Војводина е познат по тоа што знае да пронајде скриени скапоцени бисери. Искусниот стратег тогаш го водел третолигаш Челарево.
„Павков мина низ школата на Нови Сад и таму играше како последен играч за врска. Кога стана младинец не сакаше да си оди од клубот, но клубот се откажа од нето. Едноставно проценија дека нема перспектива во него и го дадоа на позајмица во Младост Бачки Петровец, каде замина со исписницата од Нови Сад. Не сакаше да оди, но таму почна да игра во напад и да постигнува голови, баш вакви како против Ливерпул“, вели Ивановиќ.
Клучната точка во неговата кариера не е само мечот против Ливерпул, туку бензиската пумпа меѓу населбата Бегеч и Нови Сад. Токму на ова место се сретнал со Драган Ивановиќ кој му ја стиснал раката и го однел во побогат фудбалски свет, далеку од третолигашкото друштво во кое доминирал.
„Чиста среќа што Бегеч и Нови Сад се блиску и се сретнавме таму, а се сеќавам дека беше во друштво со татко му. Се согласи да дојде кај мене во Челарево и уште на првиот меч даде два гола и тоа такви како Ливерпул од далеку. И веднаш сакам да се оградам од саморекламирање. Јас не го научив како да дава голови, туку тој тоа го носи во себе“.
„Милан брзо растеше и мораше со него да се работи на физичката подготвеност. Беше слаб, а воопшто не ја користеше левата нова. Работевме на еден ѕид и го терав да ја усовршува левицата. Првата сезона за Челарево ја одигра фантастично постигнувајќи преку 20 гола. И пак ќе се повторам, даваше голови на сличен начин како против Ливерпул. Има чист удар со десна и кога на тоа ќе ја додадете неговата градба, сфаќате колку може да биде непријатен за чување. Потоа еден менаџер го препорача во Војводина каде не му одеше, бидејќи можеби му беше рано, па го препорачав во Раднички“, објаснува Ивановиќ
Раднички и Ѕвезда играа пинг понг со него и го селеа на релација Чаир – Маракана и обратно. Прашање е само како ова момче, родено 1994-та успеал да издржи толку игнорирање и потсмев.
На социјалните мрежи го реметеа за едно видео на кое се гледа како на подготовки во Златибор се удира во знаме, а потоа сите се чудеа што Ѕвезда за неговиот трансфер инвестира 300.000 евра за играч кого го сметале за тотален аутсајдер. Се испостави дека тоа е најскапиот играч на релација Раднички – Ѕвезда.
И додека давал голови на позајмица во Ниш, навивачите на Ѕвезда коментирале дека ваква шперплоча и топола, нема достојна фигура да го носи дресот на поранешниот европски првак.
„Кога влегува во игра, нешто се менува. Способен е да го смени текот на натпреварот“ изјави после плејоф мечот со Салцбург, спортскиот директор Митар Мркела.
Тогаш на Маракана постигнале консензус дека треба да го истрпат, па макар и како резервна опција. Токму оваа златна резерва синоќа беше во прв тим, само поради тоа што Ричмонд Бојачи беше повреден. Но најважно е што одигра со срце и предизвика земјотрес во Белград.
Навивачи на Ѕвезда по мечот му смислија и песна на англиски (сумата од 3.000 фунти на твитерџијата не е точна).
Red Star Belgrade singing “Pavkov on fire, your defense is terrified”
— Mootaz Chehade (@MHChehade) November 6, 2018
In 2017, Milan Pavkov joined Red Star for just £3,000. One year later, he scores against Liverpool in the Champions League.
pic.twitter.com/4ZKQGsht6w
А навивачите на Евертон со помош на херојот Павков му прават спрдња на својот градски ривал.
This is Milan Pavkov he's an electrician and also works at his fathers grocery store. On his day off he's putting two past Liverpool football club 😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆😆 pic.twitter.com/KbDs1xVUNo
— Evertons The Kendall End (@TheKendallEnd) November 6, 2018