Во финалето на Лигата на шампионите на 6. јуни во Берлин главни адути на двете страни ќе бидат фудбалери со прилично низок раст. Лионел Меси е висок 168, а Карлос Тевез 173 сантиметри.
Ако се земе предвид дека Јувентус стигна до Скудетото пред сè благодарение на головите на Карлитос Тевез, тогаш може да се тврди дека висината не е од пресудно значење на теренот.
Од тој аспект, фудбалот и натаму е демократски затоа што им дава шанса на сите, па дури и на оние кои се креваат на прсти на заедничката фотографија пред почетокот на мечот. Пример за тоа е Диего Марадона чија висина се проценува од 163 до 166 сантиметри.
Ниски играчи има секаде во европскиот фудбал каде повеќето од нив оставиле голем белег. Џанфранко Ѕола е висок 166 сантиметри и како таков стана еден од најдобрите фудбалери во историјата на Челси. Во моментов во Серија А има неколку примери за ниски фудбалери: Лоренцо Инсиње од Наполи е висок 163 сантиметри, Макси Моралес од Аталанта е висок нецели 159 сантиметри а сезонава постигна пет голови.
Себастијан Џовинко има 164 сантиметри, а 4 см понизок од него беше Португалецот Руи Барос кој од 1988 до 1990 со Јуве освои Куп на Италија и Куп на УЕФА. Еден од носителите на играта на Ливерпул во '70-те години беше Семи Ли висок 167 сантиметри. Германецот Томас Хаслер со 166 сантиметри беше светски првак со Германија во 1990. година а играше во Рома и Јувентус.