Од детство во најопасна фавела во Сао Пауло, до трансфер од 100 милиони во Манчестер Јунајтед

Антони пораснал во фавела наречена Инфернињно (малиот пекол во превод), една од најопасните зони во Осаско, предградието на Сао Пауло каде за добро утро гледал дилери на дрога, криминалци и крадци кои бегаат од полиција и луѓе убиени близу неговиот дом.

На почетокот на 2019-та младиот бразилски фудбалер Антони можел да оди со првиот тим на гигантот Сао Пауло на турнеја по САД каде ги чекале Ајнтрахт Франкфурт и Ајакс, но управата имала друг план за него.

Антони неколку месеци тренирал со сениорите, со повозрасни и поискусни фудбалери од него, но крилниот напаѓач не се лутел кога тренерите му кажале дека планираат да го вратат со У-20 младинскиот тим за познатиот Куп на Сао Пауло, младинско првенство во Бразил.

На тој турнир Антони постигнал четири прекрасни гола и имал шест асистенции а неговиот Сао Пауло У-20 ја освоил титулата.

Кога се вратил меѓу првиот тим, веќе бил познато лице со изградено име и презиме.

„Тоа беше пресвртна точка за него. За разлика од другите деца кои одбиваат да се вратат меѓу младинците после прв тим и тоа им е како понижување, тој прифати веднаш без разлика што пропушти пат и турнеја кои многу фудбалери ги сонуваат“, вели Александре Пасаро, поранешен извршен директор во гигантот Сао Пауло и додава:

„Тој отсекогаш беше многу скромен дечко и не се грижеше за тоа многу, туку само како да ги унапреди своите настапи. Блесна таа сезона и стана играч каков што сега го знаеме.

Наскоро Ајакс се распраша за него. Понудија 3 милиони евра за него во 2018 и беа спремни да плаат многу повеќе да го однесат во Амстердам во тоа време. Ние се договоривме за негов трансфер на почеток на 2020-та, но само со гаранција и клаузула во договорот за 20% од неговата следна продажба зошто знаевме дека ќе достигне повисоко ниво“.

Пасаро не можел повеќе да биде во право и тој е најзаслужен што бразилскиот клуб сега се опари бајаги.

Антони постигна 47 гола за Ајакс во сите натпреварувања и после две сезони летово потпиша со Манчестер Јунајтед договор вреден 80,75 милиони фунти со евентуални бонуси од 4,25 милиони фунти.

На Сао Пауло од таа клаузула ова му носи преку 16 милиони евра. Од само еден потпис на договор.

22-годишниот бразилски репрезентативец стана четврто најскапо засилување во историјата на Премир лига, само зад Пол Погба во Јунајтед, Лукаку во Челси и Џек Грилиш во Манчестер Сити.

„ПРИТИСОК? ПРАВ ПРИТИСОК ИМАВ КОГА ЖИВЕЕВ ВО ФАВЕЛА“

Антони пораснал во фавела наречена Инфернињно (малиот пекол во превод), една од најопасните зони во Осаско, предградието на Сао Пауло каде за добро утро гледал дилери на дрога, криминалци и крадци кои бегаат од полиција и луѓе убиени близу неговиот дом.

После сево ова, веќе ништо не можело да го исплаши или изненади. Се нагледал сè и сешто уште од мал. Кога и да го прашале новинарите дали има притисок од играње за репрезентација како Бразил или тим како Ајакс, тој рекол?:

„Прав притисок беше кога живеев во фавела и кога одев од школо во 9 сабајле без да знам дали ќе можам да јадам до девет вечер. Тоа е притисок. На се друго сите ние може да се адаптираме“, искрено вели новата ѕвезда на Манчестер Јунајтед.

На неговиот пат до ѕвездите, никогаш не заборавил кои луѓе биле со него уште од почеток.

„Го обновивме договорот со него неколку пати во Сао Пауло и секој пат тој доаѓаше со цела фамилија на потпис на договор - мајка му, татко му, брат му, сестра му, сите. Се беше поврзано со семејеството“, вели Пасаро.

„ОСТАВИ ГО ДЕТЕТО ДА ДРИБЛА И ДА ТЕРА ПО СВОЕ“

Откако дошол во Ајакс и нафрлил неколку килограми мускулна маса на себе за време на глобалната пандемија, брзо се навикнал на европскиот фудбал и тоа придонесе Антони да добие повик и за врвниот Selecao, за Светското првенство сега во ноември.

Кога соиграчите од репрезентација му замерувале дека се заборава во дриблинг, Нејмар на теренот им викал: „Оставете го детето да дрибла нека тера по свое!“.

Антони одлично се познава со новиот тренер на Манчестер Јунајтед Ерик тен Хаг кој му беше и учител во Ајакс претходно. Работеа заедно и освоија неколку трофеи. Токму Тен Хаг е најзаслужен што Антони станал сериозен фудбалер а не забавувач за народни маси.

Останува да се види како Антони ќе се снајде во англиската Премиер лига каде навивачите на Јунајтед очекуваат од него да ја извади сезоната.

30 август 2022 - 15:29