Оба Мартинс го паметиме по головите и начинот на прославување, но и по анегдотите за неговата вистинска возраст. Во интервју за Газета дело спорт, раскажува за неговиот живот во САД и фудбалските случувања во Италија.
„Слушнав дека Манчини се вратил во Интер. Ми беше тренер во неговиот прв мандат во Интер, но многу време помина од тогаш. Сега не знам таму никој. Се слушам само со Кордоба и со капитенот Занети, но и тие веќе не играат. Не се слушам ниту со Адриано, кој ми беше добар пријател од времето во Интер", вели Мартинс.
Од активните италијански фудбалери, Мартинс се дружи само со Балотели, затоа што фудбалерот на Ливерпул му е шура. Сестрата на Марио, Абигел Барвуа, позната по учество во шоуто „Изола деи фамози" (Остров на познатите) е жена на Мартинс, со кој има едногодишен син Кендрик, роден во Сиетл.
„Со Марио се слушаме често. Зошто секогаш прави проблеми? Затоа што и ако не прави ништо лошо, како познат секогаш е на удар на јавноста и критикуван. Марио е одличен фудбалер и треба да го остават на раат. Не е воопшто лош како што го претставуваат", вели напаѓачот за италијанскиот весник.
Мартинс потпишал нов договор со клубот и е презадоволен од животот во Сиетл. За Европа вели дека не жали ни малку.
„Сиетл е прекрасен град. На секој домашен натпревар нè следат преку 40.000 гледачи. Убедливо најгледана екипа сме, дури и првопласираниот ЛА Галакси нема толку многу публика. Ние играме борбен фудбал, а лидери во екипата сме јас и Клинт Демпси (поренешен играч на Фулам, капитен на САД кој заработува 4 милиони евра годишно)", раскажува за фудбалот во САД, Обафеми Мартинс.
Во својата кариера, Мартинс го прошета цел свет. Играше во Италија, Германија, Русија, Шпанија, Кина, а конечно игра без многу притисок во САД.
„Искрено не жалам за ниту еден избор. Можам да кажам дека играв во најдобрите лиги на светот. Ми фали уште француското првенство, но и вака сум презадоволен.
Обафеми Мартинс веќе 2 години е во Сиетл, а за МЛС лигата се одлучи поради понудата од 2,5 милиони евра годишно, плус бонуси, според кои Нигериецот е меѓу 10 најплатени фудбалери во САД. Ретко ја следи Серија А и воопшто малку гледа фудбал. Годинава се откажа од репрезентацијата на Нигерија, за која вели дека нема пак да заигра, затоа што е скаран со неколку репрезентативци.
Лична карта: Обафеми Акинвунми Мартинс
Роден: 28 октомври 1984 во Лагос (Нигерија)
Кариера: Ебедеи, Реџана, Интер, Њукасл, Волфсбург, Рубин Казан, Бирмингем, Леванте, Сиетл
Репрезентација: Нигерија 39 настапи, 18 голови