Новиот сопственик на ЦСКА Софија, Александар Томов ќе разговара со тренерот на клубот Стојчо Младенов околу неговите планови за излез од кризата и ќе воведе ограничување во износот на платите со кое нема да поштеди ниту еден играч или функционер.
Највисоките плати кои ќе ги добиваат најголемите ѕвезди во клубот ќе изнесуваат 7500 евра месечно, а буџетот за стручниот штаб кој ќе се дели за еден месец ќе изнесува 30.000 евра кои ќе треба да ги поделат тренерот, неговите помошници, како и лекарскиот тим. Новиот стратег Младенов ќе прима 50% помала плата од таа што ја земал во претходниот клуб.
Еден од најискусните играчи во тимот, дефанзивецот Апостол Попов веќе се согласи да потпише договор за многу пониска плата и по завршувањето на неговиот договор минатиот месец, тој повторно направи кам бек во Софија откако клубов доби нови сопственици.
ЦСКА Софија ги исплаќа највисоките плати во бугарскиот фудбал кои во просек изнесуваат околу 20.000 евра, заедно со Левски Софија и Лудогорец Разград кои беа шампиони во минатите две сезони. Но со воведувањето на новото ограничување, буџетот за плати ќе биде помал за 20% од минатата сезона.
Еден од најтрофејните бугарски клубови се соочува со најтешкиот период од своето постоење и должи околу 10 милиони евра. Многу од играчите не земаа плати со месеци и беа приморани да протестираат и да поднесуваат тужби.
Неодамна во ЦСКА како тренер и претседател влезе и најславниот поранешен бугарски фудбалер Христо Стоичков, но поради несогласувања со управата си поднесе оставка по само еден месец.