Новиот залет на славниот Ајакс

Ајакс и го нанесе првиот пораз на Барселона и ги задржа шансите за пласман во следната фаза од Лигата на шампиони, но резултатот воопшто не е изненадување, туку плод на долгогодишниот труд на ајаксовите легенди.

Во моментов Ајакс претставува збир на клупски икони. Тренер е Франк де Бур, следбеник на Крој и Гвардиола кој ја одби понудата од Пеп да му биде асистент и реши да тргне по својот пат. И не згреши. За три години колку што е предводник на тимот, освои три шампионски титули.

Во стручниот штаб покрај Де Бур се и Вим Јонк кој ја води младинската академија, Денис Беркамп му е асистент тренер, Марк Овермарс е спортски директор на клубот, а во Ајакс како тренери работат и Јап Стам и Брајан Рој.

Зад нив стојат бројни стручњаци од полињата на медицината, психологијата, биомеханиката и компјутерската технологија кои Ајакс ги собра во својата академија која се вика "Toekomst" (во превод „Иднина") и центарот "miCoach". Фудбалските стручњаци сметаат дека Ајакс го има најнапредниот тренинг центар во Европа каде помеѓу другото. во лабораторијата се проучува и биомеханика на шутирање на топката.

Десетина камери ја снимаат техниката на играчите, триесетина сензори се поставени на мускулите на неговото тело, а посебни сензори ги мерат оптеретувањата на колената и зглобовите.

Ајакс инвестира во младите фудбалери, а производството на свои играчи е во сржта на нивната филозофија. Минатата сезона тие ја освоија титулата со тим чија просечна старост беше 22,8 години, а во моменталниот состав имаат само пет играчи кои се постари од 24 години.

Освен инвестирањето во младината, важен дел од филозофијата на Ајакс е и начинот на игра. Ајакс секогаш игра атрактивен, динамичен и напаѓачки фудбал.

Без разлика на тоа кој е тренерот, кој е противникот или кој фудбалер е во составот. Сите размислуваат исто. Сите веруваат дека постои само еден правилен начин на играње фудбал, а тоа е „Ајаксовиот начин".

27 ноември 2013 - 14:14