Македонија ја дели 70 позиција со Саудиска Арабија која иако играше на Светското во Русија, забележа пад од три места. Обете селекции имаат по 1366 бодови.
Најдобрите македонски фудбалери 2018-та ја започнаа како 73-та селекција на светот. Во меѓувреме во период од осум месеци одигравме две пријателски: против Азербејџан и Финска кои завршија нерешено.
Во однос на нашите следни противници во новата Лига на нации на УЕФА, Ерменија во моментов е 100-та на ранг листата, Лихтенштајн е 180-ти а Гибралтар 195-то место.
Нов лидер во светскиот фудбал е светскиот шампион Франција која скокна дури шест позиции и сега е прва на листата. Втора е Белгија, трет е Бразил а Хрватска направи голем скок од дури 16 места и сега е четврта селекција на светот. Најголем напредок има Русија која скокна 21 позиција на ранг листата и сега е 49-та.
Во ТОП 10 се уште и: Уругвај, Англија, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.
Најголемо разочарување е Германија која по раното испаѓање од Мундијалот падна на 15. место што е најлош рејтинг на Германците во последните неколку години.
Следното рангирање ФИФА ќе го соопшти на 20 септември.