За разлика од дуелот во Скадар против Албанија, селекторот Ангеловски вечерва направи неколку измени. Во формација 3-5-2, на голот место досега стандардниот Захов застана Мартин Богатинов од Етникос Ахна, а во средниот ред наместо Остоја Стјепановиќ заигра Милован Петровиќ. Несторовски, хитот во Серија А есенва, се најде во шпицот како поддршка за Пандев.
Како што најави Ангеловски, Македонија започна офанзивно и тоа резултираше со две стопостотни шанси. Во 10. и 12. минута Пандев беше близу да го прекине 8-годишниот пост на официјални дуели за репрезентацијата, но два пати промаши.
Во 22. минута Несторовски даде гол со глава по додавањето на Хасани, но линискиот судија Џејк Колин крена офсајд и Маринер го поништи погодокот. Промашените шанси, како по обичај донесоа казна на спротивната страна. Во 25. минута Томер Хемед по една сомнителна позиција остана сам пред Богатинов и со глава го искористи центаршутот на Ејал Голаса за 0:1.
Околу 2.500 гледачи на „Филип Втори“ бурно реагираа барајќи офсајд, но повторената снимка покажа дека шпицот на Брајтон бил во дозволена ситуација. Примениот гол не ги деморализираше избраниците на Ангеловски и четири минути подоцна на центаршутот на Алисоки, Несторовски за малку не израмни. Се обиде и Хасани од слободен удар во 36. минута но израелскиот голман Гореш одбрани.
Пред финишот на првото полувреме, корнер за Македонија и момент кога нашите заборавија дека мора да има човек позади при евентуална контра. Израелците го исчистија корнерот во 43. минута, Хемед со далечинска топка брзо го проигра Талал Бен Хаим кој излезе сам пред Богатинов и зголеми на 0:2.
Второто полувреме започна речиси исто како првото, Македонија тргна офанзивно, но акциите завршуваа некаде пред 16-те метри на Израел. Ангеловски ги стави Стефан Спировски и Бесарт Ибраими наместо Милован Петровиќ и Ванче Шиков и тоа брзо донесе резултат.
Во 58. минута нововлезениот Бесарт Ибраими шутираше опасно, но Гореш одбрани.
Конечно во 63. минута, по убаво изградена акција од Жута и Хасани, стрелецот на три гола во Серија А, Илија Несторовски мајсторски од отсвртување намали на 1:2.
Публиката на „Градски“ се разбуди, а „црвено-жолтите“ заиграа уште поофанзивно во продолжението но без посериозни можности за израмнување.
Со три измени од 68. до 74. минута, гостинскиот селектор Елиша Леви некако ја амортизираше агресивноста на Македонија која до финишот имаше шанса единствено преку Адис Јаховиќ, но шпицот на Гезтепе биеше млако.
Кога сите на стадионот очекуваа мечот да заврши 1:2, по една брза контра Несторовски беше фаулиран во шеснаесетникот од Ејтан Тиби кој доби втор жолт и автоматски црвен картон. Пеналот реши да го изведува Адис Јаховиќ, но Харуш го одбрани неговиот шут и Македонија остана со куси ракави.
На крајот 1:2 за Израел и нов пораз за Македонија со идентичен резултат по оној во Скадар со Албанија. Општ впечаток е дека со играта нашите момци вечерва заслужија макар бод.