Големата економска криза која не го заобиколи ниту фудбалот, бележи поразителни резултати во втората, третата и четвртата лига во Англија. Сите 72 клуба заедно бележат загуби од милијарда фунти. Според претседателот на лигата Грег Кларк, тие се соочуваат со најтешката економска клима која некогаш ги има зафатено, особено оние од помалите дивизии.
Единствениот спас клубовите го гледаат во финансискиот фер плеј кој ќе стапи во сила во сезоната 2013/2014, а од тогаш тие ќе имаа ограничување во трошењето пари. Нивните сметки ќе бидат мониторирани од страна на Европската куќа на фудбалот.
„Во четвртата лига минатата година 10 клубови остварија профит, а во третата само шест клубови се на пат да дојдат до ќар. Со новите правила на трошење, клубовите исплаќаат помалку за плати, но чудно е што играчите и натаму сакаат да настапуваат за нив", вели Кларк.
Мерките за финансиски фер плеј се разликуваат во зависност од лигата. Клубовите од четвртата лига можат да трошат 65% од вкупниот промет, во трета лига тој изнесува 55%, а во Чампионшип клубовите не смеат да имаат загуби повеќе од 16 милиони фунти во пет сезони.
Овие три лиги се во сенка на популарната Премиер, а најголем показател за тоа е податокот од спортскиот канал Скај кој за тригодишен договор со 72та клуба, за телевизиските права ќе исплати 195 милиони фунти. Во Премиер лигата приказната е сосема поинаква. Таму за следните три години клубовите се очекува со новиот договор да заработат нови 5,5 милијарди фунти од ТВ правата.
Утеха за екипите кои испаѓаат од првата лигата е добивката од 48 милиони фунти, пари кои ги добиваат од Премиер лигата и кои претставуваат финансиска помош за следните четири години. Освен овие средства, 72та клуба добиваат и солидарна помош од 372 милиони фунти кои ги делат меѓу себе, но се надеваат дека со потпишувањето на новиот договор за ТВ правата, Премиер лигата ќе биде подарежлива и ќе го зголеми овој солидарен фонд.