Ни крива ни должна најдобрата фудбалска судијка на свет соборена на терен

Во Франција се одигра дербито ПСЖ - Марсеј кое го добија домаќините со 1:0 со голот на Нејмар. А во Рен, домашниот состав го пречека Лион и победи 3:2. Овој меч остана во сенка на епизодата со главната судијка, Стефани Фрапар, првата жена судијка во историјата на францускиот и воопшто европски машки фудбал.

Фрапар ненамерно ја собори на земја Муса Дембеле од Лион кој не успеа навремено да застане во тркот

Непријатната сцена се случи уште во 2’ минута, веднаш на стартот кога најпознатата жена судијка во светот беше „фаулирана“.

Фрапар брзо се крена на нозе, му покажа жолт картон на Шека поради прекршокот направен во тек на претходната акција и потоа се обрати кон својата клупа каде побара помош од медицинските лица.

Лаказет и Дембеле веднаш притрчаа да видат дали е добра и и се извиниле а Стефани Фрапар околу пет минути ѝ се укажувала помош во подтрибинскиот простор.

За тоа време играчите си додаваа со топката додека таа се врати на работа. За среќа, поминала добро, без повреди и мечот продолжил.

Фрапар важи за една од најдобрите француски судии. Л'Екип веќе две години по ред ја става на списокот од 30 највлијателни луѓе во францускиот фудбал. Стефани за првпат се појави како главен судија во Лига 1 во 2019-та година (претходно цели пет години работела во Лига 2 каде исто станала прва судија-жена во машки фудбал).

Од тој момент Стефани Фрапар судеше и Суперкуп на УЕФА меѓу Челси и Ливерпул во август 2019. Претходно во јули таа година го судеше и женското финале на Лига на шампиони во Лион. Во декември 2020-та стана прва жена-судијка во историјата на Лига на шампиони кога делеше правда на мечот Јувентус - Динамо Киев.

Во март 2021-ва Фрапар стана прва жена судијка која судеше квалификациски меч за Светско првенство. На Европското 2020 работеше како четврти судија и така стана прва во историјата која била во судиската бригада на едно Европско.

38-годишната одлична судијка Фрапар ја чека и Мундијалот 2022 во Катар каде ќе влезе како прва жена-судијка во историјата на Светските првенства. Но таму ќе има и други главни судијки-жени: Салима Муксанга од Руанда и Јапонката Јошима Јамасита.

А помошнички-судијки ќе бидат Неуза Бек од Бразил, Карен Диаз Медина од Мексико и Кетрин Несбит од САД.

Фрапар има 164 сантиметри и тежи 55 килограми. Интересно, во едно интервју таа раскажала дека за да тренира строгост и авторитет на теренот, застанувала пред огледало и зборувала строго пред другарките. Таа признава дека секогаш држи дистанца, растојание од играчите и не им дозволува да ѝ се приближат поблизу од метар за да не ја гледаат од повисоко.

17 октомври 2022 - 12:59