Ни Галата, ни Фенер ни Бешикташ - шампион на Турција е клубот поврзан со Ердоган

Првпат после цели 10 години шампион на Турција не стана ниту Фенербахче, ниту Галатасарај ниту Бешикташ. На крајот оваа тројка мораше да го положи оружјето пред еден четврт клуб од Истанбул.

Истанбул Башакшехир никогаш претходно не ја освоил титулата но во последните три сезони им ги замрси сметките на гигантите: завршија втори во 2017 и 2019, а трети во 2018-та.

ЕКИПА СОСТАВЕНА ОД МНОГУ ВРВНИ ИГРАЧИ КАКО ДЕМБА БА, РОБИЊО, КЛИШИ, АМА ГЛАВЕН ИГРАЧ ИМ Е ВИШЧА

Во една од најнеизвесните сезони во последните години во турската Супер лига, титулата се реши во самиот финиш. Трабзонспор кој му беше главен конкурент на Башакшехир за титулата изгуби во неверојатен меч од Коњаспор со 3:4, а Башакшехир го победи Кајзерспор со 1:0 и му избега на Трабзон недостижни 7 бода.

Победничкиот гол го даде детето на клубот од Истанбул - Махмут Текдемир кој цела кариера е во Башакшехир и за прв тим игра од 2013/2014.

Со 32 години Махмут има повеќе од 380 настапи за клубот. Асистенцијата за шампионскиот гол му ја намести Гаел Клиши.

Освен некогашниот лев бек на Арсенал, Манчестер Сити и франуската репрезентација, за Истанбул играат уште и Робињо, Мартин Шкртел, Демба Ба, Елџеро Елиа (екс Јуве и Ајакс), а до пред некое време дресот на Башакшехир го носеа уште и Арда Туран и Адебајор. Тимот од клупата го предводи некогашното десно крило на Галатасарај и Интер - Окан Бурук.

Сепак и покрај толку ѕвезди, главен играч и најголем херој на екипата е Босанецот Един Вишча којшто уште во 2011-та година дошол од сараевски Жељезничар. 

Вишча е легенда на клубот со кој во 2013-та година испаднал во втора лига а сега и носи шампионска титула во жестока конкуренција.

Един Вишча сезонава директно учествувал во 28 гола од 63 колку што даде Истанбул - постигна 12 погодоци а има 16 асистенции. Најдобар играч на екипата е.

По бројот на минути пројдени на терен (2.852) Вишча е само зад бразилскиот стопер Жуниор Кајсаро (2.880). Најблизу до учинокот на Босанецот е Демба Ба, некогашниот играч на Челси кој дал 12 гола и имал 5 асистенции сезонава.

ИСТАНБУЛ БАШАКШЕХИР ГО ВИКААТ КЛУБ НА ЕРДОГАН А ЕКИПАТА ИМА НАЈСЛАБА ПОСЕТЕНОСТ ВО ЛИГАТА

Новиот шампион на Турција е клуб основан во 1990 година под називот Истанбул Бујукшехир Беледјеспор.

Поголем дел од својата кратка историја, Истанбул играл во пониските лиги а првпат се пласирала во Суперлига дури во 2007-ма. До тоа време клубот немал ниту свој стадион но со влегувањето во најсилното друштво Истанбул добил дозвола да го користи легендарниот стадион „Ататурк“. Таму Милан и Ливерпул го одиграа епското финале.

Турската јавност сите последни успеси на фудбалскиот клуб Истанбул ги поврзува со името на најмоќниот човек во земјата - претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Во 90-те години неговата Партија на правда и развој (AKP) активно го развивала реонот Башакшехир и учествувала во основање на фудбалски клуб.

Во 2014-та година група бизнисмени го купила клубот од предградието на Истанбул и направила целосен ребрендинг: го обновила името во Истанбул Башакшехир, екипа која претставува конкретен реон од Истанбул, боите и грбот.

Во Турција се уверени дека Ердоган лично имал контрола над луѓето кои го воделе клубот. Но претседателот Еродан никогаш не ги признал врските со Истанбул Башакшехир. Тој секогаш ги негирал новинарските наоди дека е поврзан со новиот шампион на Турција.

Син му на Ердоган, Билал - втор од лево со клупски шал околу вратот

Но сево ова пропаѓа во вода откако синот на Ердоган, Билал Ердоган се симнал на терен за време на шампионската прослава на екипата и се фотографирал на групната слика со цел тим.

Други факти кои укажуваат на поврзаност: пример во советот на директори се наоѓа личниот семеен доктор на претседателот на Турција, а првиот човек на клубот Ѓоксел Ѓумушдаг е оженет со блиска роднина на сопругата на Ердоган.

Некои ги поврзуваат дури и бело-портокаловите бои на клубот со бојата на десничарската партија на Ердоган. 

„Тоа е просто невозможно“, вели претседателот на Истанбул Башакшехир Ѓоксел Ѓумушдаг на наводите за поврзаност на клубот со Ердоган лично. Во летото 2014-та Истанбул се преселил од стадионот „Ататурк“ на нова модерна арена со капацитет од 17.000 седишта. Ердоган бил присутен на отворањето кое се одржало со учество на политичари, глумци и спортисти.

Ердоган дури и играл во ревијалниот меч на кој дал три гола од кои еден прекрасен. Реџеп Тајип играл под бројот 12 кој го одбрал сам зошто е 12-ти претседател во историјата на Турција. 

По големите успеси на Башакшехир (играа во Лига Европа, завршуваа втори и трети во Турција) многу страни се заинтересирале да го финансираат клубот. Брзо се испоставило дека сите спонзори кои дошле во клубот после 2014-та се во блиски врски со владеачката партија AKP.

Истанбул Башакшехир нема свои верни навивачи и е популарен најмногу меѓу политичарите од партијата на власт. Голем дел од публиката ја сочинуваат вработени во локалната самоуправа.

Просечната посетеност на клубот сезонава е 2.892 гледачи што е најлоша посетеност во целата лига. За пример, Фенербахче има просечна посетеност од 38.000 гледачи по натпревар, Галатасарај 35.000 а Бешикташ околу 28.000 навивачи.

Причини за слабата популарност на Башакшехир е пеколната конкуренција во Истанбул каде веќе има 3 големи клуба уште од времето.

„Мора да сфатите дека Турција е земја на три клуба. Бешикташ, Фенербахче и Галатасарај ги поддржува дури 90% од целата нација“, вели Џон Макманус автор на книгата за турскиот фудбал „Добродојдовте во пеколот“ и додава:

„На секој клуб му е тешко да води битка на пазарот со големата тројка. Успехот на Истанбул Башакшехир не донесе огромен наплив на навивачи. Друго прашање е дали освојувањето на титулата ќе донесе нешто ново за нив“.

Сега Башакшехир обезбеди директен пласман во групите од Лига на шампиони за сезоната 2020/2021. Башакшехир је само шести различен шампион на Турција од далечната 1957 година.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

🏆 ŞAMP1YON MEDİPOL BAŞAKŞEHİR 🏆 👊🏻 #TürkiyeninYeniŞampiyonu 🦉

A post shared by İstanbul Başakşehir (@ibfk2014) on