Футсалот или по маалски кажано мал фудбал е докажано одличен тест период за најдобрите светски фудбалери на денешницата. Таму како деца своите врсници во сала ги дриблале играчи од калибарот на Кристијано Роналдо, Меси, Иниеста, Нејмар и Роналдињо.
Клубови од Бразил, Шпанија и Португалија футсалот го користат за развој на младите таленти. Најдобар доказ дека тоа нивно искуство било важен дел од тренажниот процес е тоа што дури девет освојувачи на „Златната Топка“ од 1997 година до денес како деца се калеле на мал фудбал.
Бразилецот Алесандро Роса Виера познат како Фалкао е еден од најголемите таленти кој не успеа да направи фудбалска кариера. Стана славно име откако му успеаа сите можни финти со топката, но никогаш тоа не успеа да го докаже на трева.
Во 2004 година ФИФА го прогласи за најдобар светски футсал играч, но неговиот сон беше да заигра 11 на 11. Првата шанса му ја укажа претседателот на Сао Паоло, Марсело Гувеа кај кого лобираше братот на Фалкао, но скептик за него беше тренерот Емерсон Леао.
Тоа беше првиот негов професионален договор кој го потпиша на 26 години што е реткост во фудбалот. Привлече големо внимание во медиумите, а во него најмногу веруваа навивачите.
Емерсон му даде задача да игра како офанзивно крило и да се надигрува со противниците, она што најмногу го умее, но доби мала минутажа. На деби мечот не импресионираше, но сепак беше испратен со овации од публиката.
Фалкао беше игнориран од тренерот и често пати не беше ниту во поширокиот состав со образложение дека не импресионирал на тренинзите, а еден од неговите колеги го пофали, но рече дека му е потребно време за да се навикне на фудбалската игра.
Првата шанса во стартниот тим ја доби дури во последното коло од сезоната, но Леао уште по 45 минути го повлече од игра. Најдобриот светски футсал играч на светот за 2004 и 2008 година остана само со еден неуспешен шест месечен фудбалски договор.
Тој направи богата кариера во футсалот настапувајќи за повеќе бразилски клубови, а со селекцијата на Бразил во 2008 и 2012 година стана двократен светски првак. Неговиот сон на зелените терени бил да заигра за Сантос, клубот кој го бодрел од дете, но во 2011 година неуспешно ги минал пробите.
Сепак неговиот омилен дрес го облекол но во футсал екипата која по кратко време згаснала заедно со женскиот тим, а целта била да се заштедат средства за да се задржи Нејмар.
По несогласувања со фудбалската федерација Фалкао се пензионираше на 36 годишна возраст, а од неговиот богат репертоар ќе останат лудориите кои ги правеше со топката.