Несторовски се стреми да го мине Тони и да испише историја со Палермо

Не е лесно да се стигне италијански голгетер од златната генерација на светски шампиони 2006-та, кој ја заврши кариерата со 306 гола, но како тргнал наш Иле, нема да биде чудно ако го мине Тони на листата на стрелци на Палермо.

Илија Несторовски е во топ форма со шест гола на последните шест меча во Серија Б и му фалат уште само два погодока да биде подобар од ланската деби сезона во Палермо.
 
Тогаш постигна 11 гола на 37 средби во Серија А, а сега има 10 погодоци по 13 кола, процент на успешност подобар и од оној на Лука Тони.
 
Газета дело Спорт во денешното издание повторно го величи македонскиот репрезентативец без кој не може да дише италијанскиот тим.

„Да, Палермо сезонава е за чиста 10-ка благодарение на головите на Несторовски. Македонецот го постигна третиот погодок на мечот против Авелино и стигна до двојна цифра. Со тоа го мина Тони кој во сезоната 2003/2004 во Серија Б имаше 8 гола на првите 16 средби“.
Во двете сезони во Палермо, Лука Тони стигна до фантастични 50 голови, 30 во првата сезона во втора лига и уште 20 во Серија А, кога му помогна на клубот да стигне до Европа.
 
За Несторовски тој предизвик е доста сериозен бидејќи за сега има една третина од 30-ка на Тони, но со оглед на тоа што и сезоната е стигната до една третина, а неговото темпо на давање голови е силно, тогаш се е можно.
 
За Интер Запрешиќ во трите сезони постигна 20, 24 и 25 гола.
27 ноември 2017 - 15:10