Неславно деби на Вардар во Лига Европа

Европската есен за македонскиот шампион полошо не можеше да почне. Зенит допатува во Скопје како голем фаворит и тоа го покажа на моќен и убедлив начин. Вардар не мрдна и дури 5 пати ја вадеше топката од гол. Впечатокот е дека се работи за разлика во класи.

Дебито на Вардар во Лига Европа почна многу лошо уште по само пет минути фудбал на Филип Втори. Најпрвин Александар Кокорин испрати опасна топка во шеснаесетникот која за среќа никој не ја искористи, но истиот фудбалер веднаш потоа од корнер со глава го отвори резултат.
 
Студен туш за фудбалерите, скопската публика која од прилика до пола го наполни стадионот, како и за Комитите кои беа во доста голема бројка и не застанаа 90 минути да ги бодрат Црвено црните на деби настапот во Лига Европа.
 
Чеде Јаневски мафташе со рацете за да им укаже на своите фудбалери да се префрлат на половината на Зенит кој на почеток ја имаше иницијативата. Заканите на Вардар беа по левата страна најпрово со нафрлување на Барсегјан, а потоа и на Владица Брдаровски.

И кога Вардар излезе од почетниот притисок и почна да напаѓа, во 21 минута Зенит го зголеми водството повторно преку 26 годишниот Кокорин и повторно со глава. Два лесни гола за рускиот тим.
Вардарци се обидоа со долги и трпеливи напади да стигнат до погодок, но сето тоа без резултат.
 
Манчини добро ги имаше поставено своите играчи во одбрана до степен македонскиот првак да не може ниту да упати директен удар.
 
Во 39-та минута Зенит стави точка на мечот откако ја зголеми предност и со 0:3. Стрелец Артем Џјуба.

Вардар во вториот дел се обиде во два наврати преку Барсегјан да го постигне посакуваниот дебитанскиот гол во Лига Европа, но напаѓачот на Вардар биеше непрецизно.
 
Избраниците на Чеде Јаневски имаа желба да ја ублажат предноста на гостите, но головите паѓаа на спротивната страна кај индиспонираниот Гачевски кој непотребно изби една топка на која налета Бане Ивановиќ за дебакл на Вардар од 0:4.
 
И кога се чинеше дека тоа ќе биде конечен резултат, Русите беа ненаситни и во 90 минута пукна петарда.
 
Во второто коло на 28 септември Вардар му гостува на Розенборг.
 
0:1

0:2

 

0:3

0:4

0:5

 

14 септември 2017 - 22:57