Неостварената желба на Сеп Блатер е тешка иронија

Нобелова награда за мир за ФИФА предводена од Сеп Блатер. Колку тоа звучи нереално, иронично и нон сенс, а знаете кој го посакувал, епа самиот Сеп Блатер, човекот кој се удави во скандали и кој го набркаа поради нелегален трансфер на пари, наменети за Платини.

Поранешниот претседател на ФИФА ја истакна својата желба за добивање Нобелова награда за мир за време на неговиот мандат и рече дека тоа не го посакувал лично за себе, туку за организацијата која ја водел.
„Имавме средби со организацијата на Нобеловата нагрда. Јас присуствував на тие средби и навистина се интересирав, ама не за мене, туку за фудбалот, за ФИФА како движење“, вели Блатер.
Во едно од објаснувањата за тоа како се добива Нобелова награда стои: Наградата се доделува секоја година (со некои исклучоци) на оние кои што направиле најмногу за заедништво помеѓу нациите. Па еве еден пример како ФИФА во времето на Блатер ги зближуваше нациите:
 
Заменик претседателот на светската водечка организација на фудбалот, Џек Ворнер крадеше од донациите на Австралија кои се бореа да бидат домаќини на СП 2022, а потоа прими мито и од Катар.
 
Тој во 2011-та година си поднесе оставка од потпретседателската функција во ФИФА откако беше обвинет дека нудел поткуп на членовите на фудбалската унија на Карибите во замена за глас за претседателскиот кандидат Мохамед Бин Хамам.

На крајот Етичкиот комитет на ФИФА му даде доживотна забрана за работење во фудбалот на 72 годишниот бизнисмен и политичар од Тринидад и Тобаго, кој во САД е обвинет за рекет и перење пари.
 
На тема криминал и корупција, Швајцарската полиција пред две години изведе операција во која уапси 14 високи раководители на ФИФА, инаку блиски соработници на Блатер, кои потоа беа екстрадирани во САД.
 
Кога дојде до смена на претседателското столче во ФИФА, наследникот на Блатер, Џани Инфантино обвини за кражба на десетици милиони долари и испрати соопштение до Јавниот обвинител на САД од 22 страници.
 
Тој истакна дека во валканите игри на ФИФА се вклучени околу 40 луѓе кои направиле сериозни оштетувања и побара од нив украдените пари кои припаѓале за развој и промоција на фудбалот, да ги вратат назад.
 
Ете со овој мал дел од “чесното“ работење на ФИФА под водство на Блатер кое го издвоиме, царот кој нелегално му исплати 2 милиони швајцарски франци на Мишел Платини, барал Нобелова награда за мир по која можеби се надевал дека мирно ќе спие.
20 јуни 2017 - 10:04