Папу Гомез е еден од најинтересните играчи не само во Серија А, туку и во Лига на шампиони. Малиот по раст Гомез сезонава има 10 асистенции и е мотор на тимот кој прави надреални резултати во последните пар сезони.
На мечот со Валенсија плејмејкерот на Аталанта имаше асистенција за првиот гол на „Сан Сиро“ а после продолжи да игра сјајно.
Интересно е што неодамна раскажал зошто е толку незгоден за чување кај противничките фудбалери. Тој често наоѓа слободна зона и им помага на соиграчите.
„Противниците тешко ме следат. Час сум пред одбраната, час во нападот. Ако противнички играч од среден ред ме брка, јас им оставам простор на напаѓачите да останат сами пред противничката одбрана. Ако не успее, тогаш имам слобода на движење.
Знаете на кого се ориентирам? На судијата. Тој секогаш се снаоѓа најдобро од сите, секогаш е слободен. Така што треба да бидеш таму кај што е судијата“, рекол Папу.
Логично е: судијата секогаш треба да биде близу до местото на топката, но пак да биде доволно оддалечен да не ја попречи играта. Тоа значи дека судијата инстинктивно бара слободна зона.
Првото полувреме од мечот против Валенсија синоќа е идеална илустрација на неговата итрост. Лесно е да го најдеш Аргентинецот: не се мрдна од Мајкл Оливер, му се залепи како фластер.
Фората да биде околу судијата ја прави само за време на долгите позициони напади на Аталанта, екипа која сезонава заедно со Манчестер Сити постигна најмногу голови во сите Топ 5 европски лиги.
Кога Бергамашите организираа брзи полу контри, Гомез стоеше на лево крило. Во второ полувреме италијанскиот состав помалку напаѓаше позиционо и чекаа шанса од контри. Така Алехандро играше поблизу до лево крило но и таму наоѓаше слободен просторм, без помош од Мајкл Оливер.
Втор јунак на мечот беше Словенецот Јосип Иличиќ кој после животна драма направи блескава кариера и конечно даде гол и во Лига на шампиони.