Во англискиот фудбал како да не се доволни скандалите и жолтата штампа која влегува во приватниот живот на фудбалерите. Во моментов актуелна е дебатата околу пораката на Инстаграм, која што ја напиша синот на Мурињо кој има 15 години.
„Фабрегас можеби не игра како што сите очекуваат од него, но секогаш го дава максимумот и покажува голем карактер. Сум видел многу лоши навивачи на Челси, но не сум видел полоши од тие во неделата. Ајде што не пеат ништо, туку се дрзнаа и да му свират на Цеск. Нашите навивачи се неблагодарници“, напиша Марио Мурињо на Инстаграм по неделното реми на Челси со Саутемптон 1-1.
Испадот или искреноста (како сакате) на малиот Мурињо им даде повод на англиските медиуми да се вратат на испадите на синовите на Џорџ Бест и Брендон Роџерс.
Така, Дејли Мејл објави делови од книгата на Калим Бест, синот на легендарниот Северно Ирец Џорџ. Еден од најдобрите фудбалери во историјата почина на 25 ноември 2005. година по долга борба со алкохолот.
Калун Бест (34) е модел, телевизиско лице по професија а кон крајот на март ќе ја објави книгата „Second Best: my dad and me“. Во неа, Калун ги раскажува последните денови од животот на татко му и обидот да го подобрат односот, нарушен од алкохолизмот на татко му.
Во еден дел, Калун раскажува како една вечер татко му бил толку пијан што го истепал затоа што сомневал дека син му има нешто со помалите сестри. Во друга прилика, Џорџ Бест бил толку пијан што го помешал син му со некоја жена и се обидел да го бакне.
Срамот од постапките на својот син го јаде и Брендон Роџерс, тренерот на Ливерпул. Антон игра за Свиндон, а во мај 2013 беше уапсен под обвинение дека силувал девојка. „Со семејството 18 месеци живеевме во кошмар“, призна Роџерс минатата година.
Нешто полесни маки со децата има и Дејвид Бекам, каде најстариот син Бруклин (16) не го прифати добро тоа што Арсенал не сакаше да потпише договор со него.
Друга музика свири во домот на Стив Брус, тренерот на Хал Сити. Син му Алекс Брус има 30 години и неколку сезони дремеше во Лидс, за конечно да дојде кај татко му и да игра стандарден фудбал. Нивниот однос е одличен.