Кога групната фаза ќе ја поминеш глатко со 3 од 3 и гол разлика 7:0, тогаш тука нешто има. Ама лесна им била групата? Епа и Холандија нели доби лесен противник во осминафинале, па загуби 0:2. На Европско првенство можеби е и неблагодарно да каже човек „лесно е“ за некој противник.
Прашајте го Роберто Манчини дали е лесно да се дојде до нивото и рекордите кои ги оствари откако е на кормилото на репрезентацијата. Го назначија 6 месеци откако Италијанците под водство на Вентура доживеаа фијаско и не успеаа да се пласираат на Мундијалот 2018-та за прв пат по пауза 60 години.
Манчини ги презема и направи целосна револуција. Почна да вика играчи од тимови како Сасуоло, ама не може никој да му замери. Не е тоа повеќе како онаа стара Италија составена главно од фудбалери на Јувентус, Милан и Интер, туку целосно разновиден спој на младост и искуство, кој друг селектор до сега не успеал да го укомпонира.
Во Италија има репрезентативци од Торино, Милан, Наполи, Јувентус, Рома, Челси, Лацио, Интер, ПСЖ, Аталанта, Сасуоло и Фиорентина или од дури 12 екипи. За некого може ова е импровизација, ама четата на Манчини растура.
Триумфот над Австрија им донесе два рекорди: Серија од 31 натпревар без пораз и 1.168 минути без примен гол.
Манчини всушност му го сруши рекордот на славниот Виторио Поцо, со кого станаа светски прваци два пати во низа 1934-та и 1938-ма и кој имаа 30 меча без пораз. Претходниот рекорд пак без примен гол им изнесуваше 1.143 минути.
Ете колку стари рекорди успеа да бутне оваа генерација на Италија. А има и трет. Италија не прими гол од Австрија во регуларните 90 минути, а тоа е нов рекорд од 12 меча без примен гол. Претходно приматот го имаа во 70-те кога им бранеше легендарниот Дино Ѕоф.
Последни гол им дадоа Холанѓаните на 14 октомври 2020-та во Лига на нации.
Погледне им ја акцијава во седум потези против Швајцарија во групи, која ја финишираше Локатели од Сасуоло.