Дами и господа, нејзиното височество Лига на шампиони

Вечерва започнува групната фаза на јубилејното 65. издание на Лигата на шампионите (28. во актуелната формула), турнир кој со квалификации започна на 25 јуни и кој одново носи енорнма заработка за сите учесници.

ПРАВИЛАТА И ФОРМУЛАТА НА ТУРНИРОТ

Како и досега, ќе има 32 тима поделени во 8 групи со по 4 екипи во секоја. Се игра во системот секој со секого или вкупно 6 кола. На крајот од групната фаза, првите два тима од секоја група (16 вкупно) одат во нокаут фазата: 1/8 финале, 1/4 финале и 1/2 финале кои ќе се играат со реванш.

Финалето се игра на 30 мај следната 2020 во Истанбул на олимпискиот стадион „Ататурк“.

ДО КОГА СЕ ИГРА ГРУПНА ФАЗА А КОГА ПОЧНУВА НОКАУТ?

Од 17 септември до 11 декември 2019 се играат натпреварите по групи кои ќе ги одредат 16-те патници понатаму во осминафинале. Првите дуели од 1/8 финале се закажани за 18-19 и 25-26 февруари 2020, а реваншите за 10-11 и 17-18 март. Четвртфиналето ќе се игра на 7-8 април 2020 со реванш на 14-15 април. Полуфиналиња ќе гледаме на 28-29 април со реванш 5-6 мај 2020 и ЛШ се затвора со големото финале на 30 мај следната година.

КОГА ЌЕ БИДЕ СЛЕДНАТА ЖДРЕПКА?

Планирано е на 16 декември во Нион да се влечат паровите за осминафиналето кое се игра во февруари следната година, а на 20 март (два дена по завршување на 1/8 финале) да се влече ждрепка за 1/4 финале. Тогаш ќе се знаат и вкрстувањата во полуфинале.

КОЛКУ ПАРИ НОСИ ЛИГА НА ШАМПИОНИ?

УЕФА објави дека премиите за оваа сезона во ЛШ се: гарантирани 15,25 милиони евра за секој од 32 клуба учесници.

Традиционално, ќе има и премии во зависност од претставите на терен, па така секоја победа во група освен 3 бода ќе ја збогати касата и за 2,7 милиони евра, а 900.000 евра за нерешен резултат.

Тој што ќе влезе во осминафинале добива 9,5 милиони евра, а победниците во оваа рунда ќе добијат плус 10,5 милиони за пласман понатаму. 12 милиони ќе добие секој полуфиналист а уште дополнителни 15 милиони тој што ќе влезе во финале. Победникот добива дополнителни 4 милиони евра.

После, за учество во Суперкупот 3,53 милиони евра и за победа таму уште 1 милион евра.

Парови за вторник (17.09):

18:55, Интер - Славија Прага
18:55, Лион - Зенит
21:00, Ајакс - Лил
21:00, Бенфика - Лајпциг
21:00, Челси - Валенсија
21:00, Дортмунд - Барселона
21:00, Наполи - Ливерпул
21:00, Салцбург - Генк

Среда (18.9)

18.55, Клуб Бриж - Галатасарај
18:55, Олимпијакос - Тотенхем
21:00, Атлетико Мадрид - Јувентус
21:00, Баерн Минхен - Црвена Звезда
21:00, Динамо Загреб - Аталанта
21:00, Леверкузен - Локомотив Москва
21:00, ПСЖ - Реал Мадрид
21:00, Шахјтор - Манчестер Сити

17 септември 2019 - 11:05