Со завршувањето на сезоната во Бразил, Нејмар наскоро ќе оди на операција или поточно на делумна артроскопска менискектомија на левото колено (еден вид „стружење“ на менискусот), со цел да ја откачи маката и да игра на Светско.
Но, за тоа да се случи, ESPN пишува дека потоа ќе оди на третман кај познатиот бразилски физиотерапевт Едуардо Сантос, познат во фудбалскиот свет како „Д-р Чудо“.
45-годишниот Едуардо е светски познат по унапредувањето на третманите во рекордно време, честопати користејќи методи кои не се широко познати во оваа област.
Дипломирал на PUC (Понтифичкиот католички универзитет) во Бело Хоризонте и има магистерски и докторски студии по спортска медицина. Со години го водел медицинскиот оддел на Шангај СИПГ во Кина, а претходно работел во Витезе и Зенит.
Бразилецот меѓу пациентите имал славни бразилски имиња како Хулк, Оскар, Филипе Кутињо и неодамна, Матеус Куња и Вандерсон. Лекувал и странци како Колумбиецот Фалкао Гарсија и Белгиецот Аксел Витсел.
Важи за толку успешен, што во 2016 година, Шангај морал да му го плати отказниот рок за да го донесе од рускиот фудбал. Предходно, во 2015 година, имал огромно влијание во лекувањето на Давид Луиз.
ПСЖ тогаш проценил дека ќе бидат потребни 8 до 10 недели за дефанзивецот да се опорави од мускулниот проблем. Еду се вмешал и го подготвил дефанзивецот за игра за само 10 дена.
Во моментов, Едуардо Сантос е во Англија, каде што помага во лекувањето на Родриго Муниз од Фулам, а се очекува пред Божиќ да се врати во Бразил за да започне со лекување на Нејмар.
И покрај повредата, Нејмар настапи во финишот од бразилското првенство и сега се очекува сè да направи за да се најде на списокот на Анчелоти.