Нејмар, парадокс на фудбалот и милионите

Или поточно фрлање пари во вода. Тоа беше Нејмар во 2024-та. За секој допир со топката во текот на годината, Арапите му плаќале над 1 милион евра.

Нејмар е трет најплатен фудбалер во светот за 2024-та со заработка од 101 милиони евра, а ниту го видел некој да игра фудбал.

Да бидеме прецизни, тој во текот на изминатата година одиграл само два меча и на терен го имаше вкупно 42 минути.

Тоа значи дека секоја минута го чинела Ал Хилал 2,4 милиони евра. Имал вкупно 45 допири со топка, што значи еден негов допир тежел 1,1 милион евра.

Бразилецот во текот на цела кариера е опкружен со огромни цифри, без разлика дали играл на терен или во диско.

Foto: EPA

Во 2013 година, како голем талент на Сантос, се пресели во Барселона за тогаш огромни 88 милиони евра. Четири години подоцна го направи сè уште ненадминливиот трансфер во ПСЖ од ненормални 222 милиони евра.

Одигра 173 натпревари на кои постигна 118 гола и запиша 77 асистенции, а потоа замина во Саудиска Арабија за 90 милиони евра и им се придружи на Митровиќ и Милинковиќ Савиќ.

За година и пол престој во Ал Хилал, Нејмар има 7 настапи, 1 гол и 3 асистенции.

Саудиска Арабија не можеше да најде друг начин како да ги доведе најдобрите светски играчи, освен да им понуди баснословни плати. 

Најдобро помина Кристијано Роналдо, кој 2024-та ја завршува на прво место со заработка од 263 милиони евра, двојно повеќе од Лионел Меси, кој во Интер Мајами лани заработил 124 милиони.

Близу до третата позиција на Нејмар е Карим Бензема од Ал Итихад (96 милиони). Дури потоа почнуваат да се појавуваат играчи од најсилните европски лиги.

Најблиску до арапските милиони е Килијан Мбапе со 83 милиони евра, а листата на топ 10 ја заокружуваат Халанд (55 милиони), Винисиус (51 милиони), Салах (49 милиони), Мане (48 милиони ) и Де Брујн (36 милиони).

10 јануари 2025 - 15:23